Регион
Не ги навредив Бугарите, туку ја критикував нашата влада, објасни хрватскиот претседател по изјавата на која реагираше Софија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека со изјавата дека Хрватска е „на дното на ЕУ по повлекувањето на европските пари, а само Бугарија е полоша“, не ги навредил Бугарите, туку ја исмејува хрватската влада која прави „будали и социјални случаи“ од нејзините граѓани.
Милановиќ претходно рече дека „Хрватска е дното на Европската унија и дека само Бугарија е полоша“, па секој ден се молат на Бога, Бугарија да остане последна и ништо да не и се случи, бидејќи во спротивно би била Хрватска“. По изјавата, според хрватските медиуми, Бугарите ја повикале хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац и изразиле незадоволство, пренесува порталот „Индекс“.
Бугарското Министерство за надворешни работи на хрватскиот амбасадор му пренело „длабоко разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, каде што истакнале „дека изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи меѓу Хрватска и Бугарија“.
Тие истакнаа и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.
„Не ги навредив Бугарите, туку исмевав некои елементи на хрватската влада кои не’ прават будали и социјален случај“, рече шефот на хрватската држава и додаде дека претходно ја критикувал земјата на тема повлекување европски пари.
„Дали можеме да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур последен да подигне пари? Дали тоа звучи подобро? Но, Сингапур не е европска земја. Значи некој мора да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа досега го кажал десет пати.
„Тоа е потсмев, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои не прават социјален случај, кои не можат да земат доволно европски средства, па затоа сме претпоследни. Нормално, гледаш кој е последен. Бугарија е последна, секогаш е последна (…) Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ.
„И тоа е факт за кој зборував десет пати. Алелуја (…) Тоа се факти за кои мора да се разговара во политиката бидејќи се многу релевантни податоци. Зошто Хрватска е претпоследна? Зошто не е петата одоздола, или петта одозгора. Зошто не е? Веројатно некој е одговорен за тоа“, додаде тој.
На крајот, како што додаде, никој не се моли Бугарија да пропадне, туку дека неговата изјава е верзија на американската шега за сојузната држава Арканзас, која „се моли на Бога Мисисипи, кој е најсиромашниот, да биде здрав и добро“, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас.
„За да го знаете тоа, треба да прочитате нешто во животот, а не да се занимавате со селски скандали“, рече Милановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на Guitar Art денеска собра 1.000 гитаристи на Трг Република во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти на едно место во Србија свирејќи во рокенрол прослава со познати музичари, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на Трг Република. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на Трг Република да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.