Кардиф ја проценува штетата за несреќата на Сала на 120 милиони евра

Кардиф ги проценува нивните загуби на повеќе од 120 милиони евра во спорот со Нант за смртта на Емилијано Сала во авионска несреќа во 2019 година, потврди адвокатот на велшкиот клуб. По извршената анализа од правен експерт, „штетата на Кардиф се проценува на 120,2 милиони евра“, изјавила адвокатката Селин Џонс.

Таа анализа официјално ќе биде доставена до трговскиот суд во Нант, кој треба да го одреди рокот за продолжување на постапката за овој случај. Аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала, на 28-годишна возраст, загина во јануари 2019 година во авионска несреќа над Ла Манш кога се префрлаше во својот нов клуб, Кардиф, на кого беше продаден од Нант.

Кардиф смета дека Нант е одговорен за летот со кој патувал Сала и затоа поднел тужба до судот на Нант барајќи компензација за загубата на приходите и други штети што клубот ги претрпел поради смртта на аргентинскиот фудбалер.

Во друга постапка поврзана со спорот меѓу двата клуба, ФИФА минатата година му наложи на Кардиф да му го плати на Нант остатокот од трансферот на аргентинскиот играч, во тоа време нешто повеќе од 11 милиони евра од вкупно 17 милиони евра.

Се вчитува...