Ќе се воведува данок на милијардери, а парите ќе одат за сиромашните

130

Групата 20 најголеми економии во јуни ќе разговара за предлогот на Бразил, Германија, Шпанија и Јужна Африка да се воведе данок на милијардерите.

Според предлогот 3.000 милијардери од целиот свет ќе треба да плаќаат данок од најмалку 2 процента. Од тоа би се собрале 292 милијарди евра кои треба да се трошат на борба против сиромаштијата и климатската криза.

Земјите предлагачи на овој данок сметаат дека неговото воведување ќе ја намали глобалната сиромаштија и ќе се создаде можност за справување со шоковите предизвикани од климатските промени и  актуелните воени конфликти.

Според предлагачите, вкупниот приход од овој данок би бил доволен за справување со овие кризи.

Медиумите објавија дека САД не се против идејата, а Франција сигнализирала дека ќе го поддржи планот. Бразил, кој претседава со Г20, е охрабрен со тоа што САД не се противат на идејата.

-Милијардерите имаат најниска ефективна даночна стапка од која било друга општествена група. Мислам дека тоа никој не го поддржува, наведе францускиот економист Даниел Зикмо.

Не е првпат богатите нации во светот да се согласат дека помагањето на сиромашните земји во справувањето со последиците од климатските промени е приоритет. Таква согласност постигнаа неколку пати, меѓутоа досега не можеа да направат акциски план и да ги соберат потребните пари. Оданочување на 3.000 најбогати луѓе во светот предложи  добитничката на Нобелова награда за економија во 2019 година, Естер Дуфло. Својот план таа го претстави на состанок на Г-20 одржан во Вашингтон. Како што изјави за Форчн, таа на ум има јасна цел: да се соберат доволно јавни средства за да се заштитат најсиромашните граѓани во светот кои страдаат од климатските промени.

-Тоа е наш морален долг, рече Дуфло за Форчн.

Нејзиниот план вклучува глобален минимален корпоративен данок од 15%, одобрен од Г20 во 2021 година, како и глобален данок на доход на милијардери од 2%, првпат предложен до Г20 во февруари од Бразил.

Според Дуфло, идејата не е да се оданочуваат ултра богатите, туку да се осигури дека тие плаќаат данок на доход воопшто, бидејќи оваа група на луѓе е позната по тоа што избегнува оданочување на различни начини. Предлогот на Дуфло се заснова на тезата дека богатите земји имаат „морален долг“, бидејќи тие историски испуштале најмногу гасови, додека сиромашните земји, кои испуштаат многу малку, страдаат несразмерно од најлошите катастрофи предизвикани токму од испуштањето такви гасови.

Данок од 2% за милијардерите, беше предложен од бразилскиот министер за финансии Фернандо Хадад во февруари. Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер наведува дека Г-20 треба да има за цел да постигне договор за данокот на милијардерите најдоцна до 2027 година.

Додека Г20 размислува, многу богати луѓе, како на пример инвеститорот и милијардер Ворен Бафет, со години ја поддржуваат логиката на овој предлог. Бафет јавно призна дека плаќа помалку даноци од неговата секретарка, и покрај огромната проценета нето вредност на неговото богатство од околу 136 милијарди долари.

Г20 доби предлог за зголемување на даноците за богатите  и од речиси 300 милионери. Во отворено тие апелираат да се постигне договор за зголемување на даноците за супербогатите за да се спречи екстремното богатство.

Меѓу другите, писмото е потпишано и од наследничката на Дизни, Абигејл Дизни и уметниците Брајан Ино и Ричард Кертис.