Новинарот Лукаидс по една година истражување на „Телеграм“: Алатката е добра, но таму преовладува пропагандата

Сториите на Лукаидс се објавувани во престижни медиуми како WIRED, The Guardian, open Democracy, а во разговор со Мета.мк тој раскажува како ја разобличува поврзаноста меѓу политиката и технологијата, дезинформациите и дигиталниот популизам

Дарен Лукаидс, истражувачки новинар, Лондон / Фото: Мета.мк

Дарен Лукаидс работи како истражувачки новинар од 2008 година, во Лондон и во Барселона. Главен интерес му се конспиративните групи, групи кои шират дезинформации на социјалните платформи и истражувања за начинот на кој функционираат истите, со посебен акцент на Телеграм.

Неговите стории се објавувани во престижни медиуми, како WIRED, Гардијан (The Guardian) oпен Демокраси (open Democracy), разобличувајќи ја поврзаноста меѓу политиката и технологијата, дезинформациите и дигиталниот популизам.

Мета.мк со Лукаидс разговараше во Лондон во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето“, финансиран од UK International Development од страна на Владата на Обединетото Кралство преку Британската Амбасада во Скопје, а спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП).

Тој објаснува како почнал да се бави со дезинформациите и со нивното разобличување, а посебен интерес за социјалната платформа Телеграм добива за време на пандемијата со ковид-19, кога на оваа платформа почнува да се зголемува бројот на корисници, за сега веќе да достигне бројка од 900 милиони.

„Со почетокот на пандемијата, имаше некои рани знаци на поврзаност помеѓу радикалните десничари, конспиративните групи и дезинформациите, вклучително и оние кои беа спонзорирани од државата. Со двајца други новинари, започнавме меѓународно истражување за тоа како се шират различните наративи и од каде доаѓаат. Најинтересен случај беше Германија, каде што масовно растеше анти-ковид  движењето на Телеграм, откако неколку инфлуенсери беа блокирани на мејнстрим платформите“, раскажува Лукаидс.

Во тимот им се приклучува и истражувач на дата податоци, кој ги следи ковид-скептиците на Телеграм, антиваксерите и Кју-анон групите и ја бележи нивната неверојатна активност на Телеграм, особено циркулирајќи околу десничарското движење Кверденкер (Querdenker), кое нагло се радикализира против пандемиските мерки. Истражувањето ги носи и до Јирген Елзасер, уредник на десничарско списание кое, според него, е класичен пример за тоа како крајно-десничарските движења ги експлоатираат конспиративните заговори, отстапувајќи голем простор за нив во медиумите.

Фото: Мета.мк

Дополнително, Лукаидс и неговите колеги доаѓаат и до Епох Тајмс (Epoch Times), медиум кој бил најсподелуван на Телеграм во контекст на анти-ковид и антиваксерското движење во Германија, Европа, па дури и во САД. Неговите корени ги наоѓаат во кинеска дисидентна квази-религиозна група која е меѓународно позната и која се смета за про-Трамп, крајно-десничарска и конспиративна во однос на ковид пандемијата, по што произлегува и истражувачката сторија објавена на Open Democracy – „Медиумскиот гигант за кој никогаш не сте чуле и зошто треба да обратите внимание“.

Сторијата „Медиумскиот гигант за кој никогаш не сте чуле и зошто треба да обратите внимание“ / Фото: Принтскрин, open Democracy

Истражувајќи го Телеграм, доаѓаат и до врските со Русија, а податоците покажуваат дека Раша Тудеј (Russia Today) е најсподелуваниот медиум на оваа социјална платформа во периодот на ковид пандемијата.

Оттаму, дезинформациите на Телеграм остануваат главна тема на интерес за истражувачкиот новинар, за која вели дека има голем број предности, но дека недостига регулација, а сопствеништвото на Телеграм, кој е под капата на Павел Дуров е многу нетранспарентно, со оглед на тоа што избегнуваат да одговараат на прашања пред јавноста.

„Нема транспарентност, не одговараат на легитимни прашања од граѓанските групи, како и на оние што јас како новинар ги имам. Јас мислам дека тоа е поврзано со бизнисот, со оглед на тоа што имаат многу руски корисници и најверојатно не сакаат да бидат затворени повторно во Русија“, вели Лукаидс.

На сторијата за Телеграм (Како Телеграм стана анти-Феjсбук) тој работел една година, за да напише 11.000 зборови, односно 16 страници. Собирал сведоштва од поранешни вработени, влегол во најразлични групи, ги истражувал дезинформациите, особено од руска страна. Неговиот став е дека Телеграм е добра алатка, но дека таму сепак преовладува руската пропагандата.

„Јас, како што може да видите од моите стории, загрижен сум за недостигот од регулација. Мислам дека руските новинари го потенцираат нивото на дезинформации, што ги надминува „вистинските“ информации. Додека тој (Телеграм) е добра алатка во Украина, луѓето зависат од неа, оние кои се про-војната, про-Путин имаат поголемо присуство и влијание“, вели Лукаидс за Мета.мк.

Неговите сознанија укажуваат и на тоа дека дел од разговорите на Телеграм се следат, а во неговиот последен напис, „Кремлин влезе во разговорот“, разобличува како режимот на Путин го знае секој чекор на руските антивоени активисти.

Објавената сторија „Кремлин влезе во разговорот“ / Фото: Принтскрин, WIRED

Лукаидс продолжува со своите истражувања за дезинформациите на социјалните платформи и во однос на војната меѓу Израел и Хамас.

Тој нагласува дека луѓето треба да имаат канали каде што слободно ќе го изразат своето мислење, но воедно треба да бидат свесни и дека тие канали можат да содржат голем број дезинформации за исклучително важни општествени прашања кои во целост можат да ги сменат настаните и перцепциите, во негативна конотација.