На грчките плажи 70 отсто од површината треба да биде слободна и без лежалки

По ланското движење на граѓани за слободни плажи и против нелегално поставените лежалки и чадори од баровите, кое од островот Парос се прошири и во други делови на Грција, сега, грчката Влада изгласа нов закон, а премиерот Кирјакос Мицотакис најави дека ќе се стави ред на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку видео објавено на Тик Ток, Мицотакис објасни што предвидува новиот закон што веќе доби зелено светло од Парламентот.

-За она што го гледавме, одиш на организирана плажа и е преполна со лежалки, сега обезбедуваме дека 70 отсто од површината на плажата треба да биде слободна и ќе треба да постои минимално растојание од четири метри од морето до првиот ред лежалки, за да го немаме повеќе она кога лежалките всушност се во вода, рече Мицотакис.

Објасни дека за плажите што се во заштитените области Натура, наместо 70, ќе треба да биде слободна 85 отсто од површината, односно лежалки и чадори ќе биде дозволено да бидат поставени на само 15 отсто од плажата.

За да се добие лиценца за користење на плажа, задолжително ќе биде учеството на електронска лицитација, а по добивањето, концесионерот ќе биде обврзан да ја чисти плажата, да обезбеди пристап за лица со инвалидитети и да постои спасувач.

-Изгласавме нов закон кој става ред на нашите плажи и во суштина прави три работи: обезбедуваме слободен пристап на сите плажи за сите, користиме нови технологии како за тендерите за плажите, така и за контролите и воведуваме построи казни за оние кои го прекршуваат законот, рече грчкиот премиер.

Во однос на спроведувањето на законот, истакна дека ќе има многу поинтензивни контроли и построги казни за прекршувачите.

Посочи дека законот не се однесува на урбанистичко планирање и условите за градба, а задолжителното растојанието од 50 метри од крајбрежјето за градење не се менува.

-Засега толку и чекаме да дојде летото за да уживаме во многу послободните наши плажи, рече Мицотакис на крајот од видеото на Тик Ток, кое како и секогаш кога објавува на конкретната социјална мрежа е во поопуштена атмосфера и со поопуштен тон.

Претходна вестБитолчанец се заклучил во „Тојота рав 4“, откако го бркала полиција
Следна вестМечка нападнала и гризнала дански турист во близина на Попова Шапка