По гаснењето, сите евакиурани лица биле вратени во собите каде што биле сместени пред пожарот
Седум пожарникари со две противпожарни возила ноќеска гаснеле пожар во дом за стари лица во селото Банско, Струмичко. Во пожарот нема повредени лица.
Пожарот, како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), бил пријавен ноќеска, половина час пред полноќ.
При интервенцијата, прво биле евакуирани лицата од спратот во домот каде што бил пожарот, а потоа од подолните катови.
Пожарот, велат од ЦУК, бил изгаснат во 00:50 часот.
По гаснењето, сите евакиурани лица биле вратени во собите каде што биле сместени пред пожарот.
Од Центарот за управување со кризи велат дека причината за пожарот и предизвиканата материјална штета дополнително ќе бидат утврдени.