Ковачевски: Многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ

Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Пендаровски може да има дуел со него ако прво стане претседател на СДСМ, Ковачевски рече оти многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа во, како што рече, сала на фолк-фест „Валандово“ со 400 делегати

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека, како тој, така и останатите кандидати за пратеници што се определни, учествуваат на митинзите на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и оти тоа е во согласност со изборните единици каде што се предложени.

„Кога тој беше на своите митинзи во Аеродром и Кисела Вода, јас имав свои обраќања. Фатмир Битиќи е присутен на митинзите кои се одржуваат во изборна единица 2. Утре Пендаровски ќе биде во Карпош и во Центар, а дали јас ќе имам обраќање, тоа зависи од верификацијата на листите за кандидати за пратеници и усогласеноста со парламентарните избори со Законот за избори“,

рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање.

Според Ковачевски, Пендаровски може самостојно да ја образложи својата програма и тој тоа, како што рече, може да го направи на најдобар начин бидејќи пет години успешно ја извршуваше својата функција претседател на државата.

„Има многу јасен план и програма за тоа каде треба Македонија да се движи во наредните пет години, за разлика од неговиот противкандидат што нема програма и не можеме уште да ја прочитаме и да ја најдеме. Пендаровски ја дели истата визија како СДСМ“,

додаде Ковачевски.

На прашањето дали треба да има дуел меѓу претседателските кандидати, тој смета оти тие треба да имаат свои телевизиски дуели доколку тоа им го дозволува времето и доколку сакаат да имаат како што тој имаше со Мицкоски.

„Гледам дека има цел еден сет на изјави што се даваат за тоа кој со кого требало да има дуел. Претседателот Пендаровски е супериорен во однос на другите кандидати и веројатно затоа нема дуели“,

рече тој.

Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Пендаровски може да има дуел со него ако прво стане претседател на СДСМ, Ковачевски рече оти многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„За да станете претседател на СДСМ, треба да одите на гласање непосредно од сите членови. Во ВМРО-ДПМНЕ можете да станете претседател во сала на фолк-фест ’Валандово’, со 400 делегати, ќе ви ги пишат на список, така да таму многу веројатно многу полесно се станува претседател на партија“,

одговори Ковачевски.

Ковачевски додаде и дека според истражувањата на јавното мислење, она што може да го каже како политичка и реална прогноза е дека ќе има победа на претседателот Пендаровски во вториот круг од изборите и победа на „Коалицијата за европска иднина“ и формирање нова проевропска влада по парламентарните избори на 8 мај.

- Реклама -