Барселона направи листа на непожелни фудбалери од кои очекува да заработи 200 милиони евра

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, синоќа дал зелено светло за продажба на најмалку петмина фудбалери од кои се очекува во клупската каса да се слеат околу 200 милиони евра, објавија шпанските медиуми.

Спортскиот директор на Барселона, Деко, ја составил листата на непожелни фудбалери кои ќе бидат ставени на трансфер-листата и на неа се наоѓаат неговиот поранешен клиент Рафиња, Ерик Гарсија, Клемен Ленгле, Андреас Кристенсен или Жил Кунде (еден од нив двајца), и Ансу Фати.

Ленгле и Гарсија ќе се вратат на позајмица од Астон вила и Жирона и веднаш ќе бидат ставени на трансфер-листата, што најверојатно ќе го искористат нивните сегашни тимови за да ги купат.

Управата смета дека централни дефанзивци од следната сезона треба да бидат Роналд Араухо, Алехандро Балде и тинејџерот Пау Кубарси, а тука ќе биде и Ињиго Мартинес, па поради тоа ќе биде продаден или Кунде или Кристенсен.

Најголема заработка се очекува од продажбата на Рафиња, за кого интерес пројавуваат екипи од Саудиска Арабија, поточно Ал-Хилал, кој веќе за Бразилецот испрати понуда тешка 100 милиони евра.

Фати би бил продаден за сума помеѓу 40 и 50 милиони евра, Кристенсен за 30-тина милиони, додека не се очекува преголема заработка од евентуалната продажба на Ленгле и Гарсија, но сепак вкупната заработка од трансферите на петтемина фудбалери би требало да изнесува околу 200 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести