Цените на нафтата паднаа за околу 7 отсто минатата седмица

На светските берзи минатата седмица цените на нафтата падна за околу 7 отсто, бидејќи трговците се загрижени поради забавувањето на растот на најголемите светски економии, што ја ослабува побарувачката за „црното злато“.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата седмица потона за 7,3 отсто, на 82,96 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 6,8 отсто, на 78,11 долари. Ова е најголем седмичен пад на цените во последните три месеца. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за околу 7 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 7,5 отсто.

Трговците минатата седмица беа загрижени од пораките на американската централна банка дека, поради високата инфлација, може да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго време отколку што очекуваше пазарот. До неодамна се очекуваше дека Fed агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни, но се чини дека овој потег би можел да дојде дури наесен.

Ова предизвика страв од слабеење на активноста во САД, но и во други делови од светот, што може да ја намали побарувачката за енергетски производи. А дека побарувачката во САД слабее, покажаа во средата објавените податоците за неочекувано големото зголемување на залихите на нафта една седмица претходно, за дури 7,3 милиони барели. Аналитичарите очекуваа многу поскромно зголемување од 1,1 милион барели.

„Залихите на нафта навистина пораснаа и во овој период од годината би требало да паѓаат бидејќи повеќе барели одат во рафинирање“, објаснува Боб Јаувгер од јапонската банка „Mizuho“.

Поголем пад на цените спречија сигналите дека Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни изввозници предводени од Русија би можеле да ја задржат политиката на намалување на производството во втората половина од годината, по 1 јули, доколку побарувачката не зајакне. Моментално го намалуваат за 2,2 милиони барели дневно. Групацијата позната како OPEC+ ќе ја разгледа производната политика на состанокот на 1 јуни.