Петровска потенцира дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптери
Министерството за одбрана, за потребите на Армијата на Република Северна Македонија, ќе набави осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ за што ќе плати 230 милиони евра. Исплатата ќе се реализира на четири рати, а првата ќе биде исплатена оваа година и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката, информира на денешниот брифинг со новинарите, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Изборот, како што посочи таа, е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на Армијата за обновување на воздухопловната компонента.
Петровска потенцира дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година, за што е формиран интегриран проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и Армијата. Спроведена е фаза на истражување на пазарот, за што биле реализирани бројни работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новите хеликоптери во чии рамки биле извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
По прибирање на сите податоци била извршена сеопфатна и објективна анализа на понудените платформи преку различни аналитички матрици. Критериумите според кои се вршени анализите, како што беше истакнато на брифингот, биле во однос на цената на набавката, техничкото одржување и техничката поддршка, достапност на резервни делови, животниот век на леталата и нивната модуларност и интероперабилност со НАТО-членките.
„Во фазата на истражување на пазарот и споредба на алтернативите интегрираниот проектен тим одлучи да препорача да се пристапи кон набавка на хеликоптери од компанијата ‘Леонардо хеликоптерс’“,
изјави Петровска.
Таа потенцира дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптери.
На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди. Покрај „Леонардо хеликоптерс“, понуди имало и од германско-француски конзорциум, компанија од САД и од Канада.
Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.
Договорот за набавка на хеликоптерите ќе биде склучен утре, а ќе го потпишат министерката Петровска и амбасадорот на Италија во името на владите на двете земји. До крајот на месецов ќе биде потпишан и договорот со компанијата „Леонардо хеликоптерс“.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на 22 јануари годинава, во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, првпат јавно соопшти детали за тоа какви хеликоптери ќе купи Северна Македонија. Како што посочи таа, треба да се набават два типа летала – „агуста 149“ и „агуста 169“ врз основа на нивните перформанси и цената во која е вклучено и одржување.
„Едниот хеликоптер е со поголема носивост – до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост – до 8 патници, исто така, со вклучена опрема. Тоа е она што во моментов можам да го соопштам за понудата. Се разбира, сега одиме на следна фаза – на комисија за набавки. Досега тоа го работеше интегрираниот проектен тим, сега согласно процедурите ќе се формира комисија која ќе започне со преговарање со компанијата чија понуда е селектирана како најповолно. Ова првпат го соопштуваме јавно“,
рече тогаш министерката Петровска.