Владата на Израел го затвора претставништвото на Ал Џезира

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изјави дека неговата влада едногласно гласала за затворање на локалните канцеларии на телевизијата Ал Џезира, пренесува агенцијата АП.

Според кабинетот на Нетанјаху, одлуката стапува на сила веднаш. Тоа може да вклучи затворање на канцелариите на каналот во Израел, конфискација на опремата за емитување, спречување на емитувањето на каналот и блокирање на неговите веб-страници, меѓу другите мерки, се вели во соопштението.

Израелските медиуми пренесуваат дека одлуката му дозволува на Израел да го блокира каналот да работи во земјата 45 дена.

„Репортерите на Ал Џезира и’ наштетија на безбедноста на Израел и известуваа против војниците“, рече Нетанјаху во изјавата. „Време е да се отстрани гласноговорникот на Хамас од нашата земја“.

Ова е веројатно прв ваков потег на Израел да затвори странски гласник, иако израелската влада во минатото презеде акција против поединечни известувачи. Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека според законот усвоен минатиот месец, владата може да преземе акција против странски канал кој се смета дека „и’ нанесува штета на земјата“.

Нетанјаху на почетокот на април на „Х“ (Твитер) рече дека има намера веднаш да дејствува во согласност со новиот закон за да ја запре активноста на медиумот во земјата. Владата на Нетанјаху долго време се жалеше на работењето на Ал Џезира, обвинувајќи ги за анти-израелска пропаганда.

Како одговор, Ал Џезира, која на терен известуваше за војната на Израел против Хамас во Газа, ја критикуваше одлуката и вети дека ќе продолжи со своето, како што нагласија, храбро и професионално известување.

Групите за човекови права го осудија новиот закон што му дава овластувања на премиерот и министерот за комуникации да наредат привремено затворање на странските мрежи кои работат во Израел. Тие сметаат дека овие овластувања би можеле да имаат далекусежни импликации врз меѓународното медиумско покривање на војната во Газа.