Цивил за изборната кампања: Не ги злоупотребувајте децата

Невладиното здружение ЦИВИЛ бара институциите да ги санкционираат оние кои на каков било начин ги вклучуваат децата во политиката. Не смее да се дозволи децата да станат жртви на странски злонамерни пропагандни политики и операции. Политичките партии и нивните поддржувачи треба да придонесат за заштита на децата, а не за нивна злоупотреба, реагира ЦИВИЛ.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ откри голем број случаи на злоупотреба на деца и малолетници, како во изборен контекст, така и за ширење на етничка и верска омраза, но и за ширење злонамерна руска пропаганда.

„Не треба да се дозволи децата да бидат жртви на злонамерна странска пропаганда и политика! Политичките партии и нивните поддржувачи треба да придонесат за заштита на децата, а не за нивна злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, психички, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Од таму потенцираат дека со закон е забранета политичка злоупотреба врз децата. ЦИВИЛ бара политичките партии, родители, медиуми и институции да ги ослободат децата и малолетниците од нивните политички амбиции, бидејќи со тоа ги прекршуваат законите и сите етички норми.