„Ако дизајнерите не ја прифатат вештачката интелигенција, светот ќе биде дизајниран без нив“, вели основачот на Airbnb.

Ко-основачот на Airbnb, Брајан Чески, ги повикува дизајнерите да се вклучат во развојот на вештачката интелигенција (ВИ), предупредувајќи дека неуспехот да го сторат тоа може да резултира во иднина дизајнирана без нивно учество, слично на она што се случи со појавата на интернетот.


Креативци на целиот свет, обединете се

Во најновото интервју за Dezeen, ко-основачот на Airbnb, Брајан Чески предупреди дека креативците треба да се вклучат во развојот на вештачката интелигенција (ВИ) или ризикуваат да останат исклучени. Тој потсети како дизајнерите доцнеа да ја прифатат дигиталната технологија во 1990-тите, што резултираше со свет дизајниран без нивен придонес. Чески стравува дека историјата може да се повтори со вештачката интелигенција доколку дизајнерите не се приспособат и не ја усвојат оваа технологија.

Тој предупреди дека дизајнерите би можеле да станат „подредени“ на инженерите, како што повеќето веб-страници сега се креирани од „менаџери на производи“ наместо од дизајнери. Чески, кој дипломирал на Факултетот за дизајн на Род Ајленд (RISD), ги повика креативците да учествуваат во развојот на вештачката интелигенција за да избегнат да бидат исклучени.

Quo Vadis „вештачка интелигенцијо“? Во Македонија, не!

Идентичен став на основачот на AirBnb, во нашата средина пред половина година имаше графичкиот дизајнер и писател Бранко Прља кога ја издаде првата графичка новела во Македонија создадена со помош на вештачка интелигенција.

Според авторот, Бранко Прља „Употребата на вештачката интелигенција во уметноста е проблематична, но ако не го направиме тоа ние, уметниците, писателите, дизајнерите, тогаш вештачката интелигенција за создавање уметнички производи ќе ја искористат (и ја користат) бизнисмените.“

„Според мене е подобро уметниците да го покажат патот во кој треба да се движи уметноста, отколку тие кои не се занимавале никогаш со неа. Мораме да се прилагодуваме на времињата, да бидеме во тек и да не се плашиме од новите технологии.“

Оваа негова графичка новела беше пречекана на „нож“ и токму неговите коментари како овој погоре беа окарактеризирани како „голема глупост“ од македонската графичко-занаетска фела.

Што вели светот?

Основачот на AirBnb, Чески, верува дека вештачката интелигенција е „незапирлива“ и дека ќе има значително влијание врз сите. Идентичен беше ставот на Бранко Прља во расправиите со стрипаџиите во Македонија. Чески советува дека компаниите треба да го сфатат ова влијание сериозно и да гледаат на него позитивно, дури и ако има краткорочен негативен ефект врз нивниот бизнис.

Советите на Чески за дипломираните дизајнери и креативците е да ја прифатат вештачката интелигенција, бидејќи таа нема да замине и ќе станува сè поважна. Тој смета дека најдобрата шанса за позитивен исход е најкреативните и најхуманите луѓе да учествуваат во она што тој го гледа како неизбежна револуција. Ова учество, тврди тој, може да ја ограничи и негативната страна на таа револуција.

Тој заклучи со прашањето дека во дизајнирањето на иднината треба да биде вклучен поширок опсег на луѓе, особено креативната заедница.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *