По повеќемесечни подготовки, „Црна Мачка продукција“ започнува со снимање на новиот долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ, насловен како “17“.

“Филмот ‘17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија. Во свет заситен со социјални медиуми, каде што владеат вредности кои шокираат, „17“ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени повеќе од било кога досега на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност, рече Косара Митиќ, режисер на филмот. 

Косара Митиќ е родена 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек Филмска и ТВ режија во 2013 година во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

“17“е прв долгометражен филм на Митиќ, која во својата филмска биографија како режисер ги запиша краткометражните филмови „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013). Во своето долгометражно првенче, режисерката фокусот го става на откривање на скриените комплексности на тинејџерскиот живот во општеството во транзиција. Сценариото инспирирано од настан од реалниот живот, ја следи Сара, 17 годишна девојка која се движи низ бурните води на адолесценцијата среде општествените притисоци и личните предизвици. Додека Сара се бори со трауми и тајни, филмот навлегува во темите на идентитетот, сексуалноста и општествените очекувања. Преку суров реализам, „17“ се стреми да поттикне мисловно истражување на суровата реалност со која се соочува денешната младина.

Верувам дека соработките со новите генерации значат нивно воздигнување во светот на филмот и домашната кинематографија и истовремено придонесуваат за доближување на нивниот свет до нашето општество. Очекувам филмот да го реализираме според предвидената динамика и секако како продуцент, очекувам негов успех, во кино и на фестивали. – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

Црна Мачка Продукција e формирана во 2015 година, со првична замисла да развива и реализира дела на млади автори во подем, за почеток фокусирајќи се на кратките играни и документарните филмови. Целта на Црна Мачка Продукција е да им помогне на сценаристи и режисери од поновите генерации да ги прикажат своите креативност и талент, овозможувајќи им да ги реализираат нивните идеи и концепти.  До сега, има продуцирано неколку филмови, кои успешно се претставија и беа наградени на некои од најголемите светски фестивали, меѓу кои: малцинските копродукции УЛИШТЕ (2021) во режија на Блерта Башоли, трикратно награден на Филмскиот фестивал Санденс во САД и ЛЕТЕЧКИОТ ЦИРКУС (2019) во режија на Фатос Бериша, краткиот документарен филм КАМЕНА ГРАДИНА (2018) во режија на Даријан Пејовски, и кратките играни филма ЦРВЕНАТА СОБА, режија на Косара Митиќ и ВИДИ ЈА ТИ НЕА на Горан Столевски, прикажан и наградуван на над 30 значајни филмски фестивали во светски рамки.

 

Филмот се реализира во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд.

 Снимањето, кое официјално започна денес, на 25.04.2024 и ќе трае до 18.05.2024 година, е планирано да се реализира на повеќе локации во Скопје и Битола.

 „17“ – во фаза на продукција

(Македонија, Србија и Словенија)

 

Актерска екипа:

Ева Костиќ                                          Мартина Даниловска                       Ева Стојчевска

Петар Маниќ                                       Ирена Димеска                                Луна Бејков

Христијан Ристески                          Алина Христовска                           Даме Јовески      

Јован Тодоров                                    Мина Јелушиќ                                  Тодор Стојковски                             

Иво Јездиќ                                          Ана Стојановска                               Жаклина Стевковска                       

Сашко Коцев                                      Оливер Митковски

 

Авторска екипа:

Режија:                                               Косара Митиќ

Сценарио:                                          Косара Митиќ, Огњен Свиличиќ

Продуценти:                                      Томи Салковски, Кристијан Буровски

Кинематографер:                              Наум Доксевски

Сценографи:                                      Дејан Ѓошевски, Александра Чевреска

Костимограф:                                    Жаклина Крстевска

Шминка и фризура:                          Карла Лазиќ / Србија

Снимател на звук:                             Аљаж Лукан / Словенија

Монтажа:                                           Дејан Смилески

 

Продуцент          Црна Мачка Продукција (MKD)

                              Томи Салковски, Кристијан Буровски

 

Копродуценти   Арт&Попкорн (SRB)

Мирослав Могоровиќ

Децембер (SVN)

Владо Булајиќ, Лија Погачник

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.