Летните олимписки игри ќе се одржат во Париз од 26 јули до 11 август, а на нив ќе бидат претставени вкупно 32 спорта во машка и женска конкуренција, со 329 турнири. Повеќето од нив ќе се играат во Париз, но некои ќе се играат во блиските француски градови поради специфични барања.

Сепак, еден турнир ќе се одржи на речиси 16.000 километри понастрана. Се работи за сурфање. Сурферите ќе се натпреваруваат во Француска Полинезија. Тоа е француска прекуморска сопственост која се состои од над сто острови, сместени во јужниот дел на Пацификот. Сурфањето дебитираше на Игрите во 2021 година во Токио, кога Бразилците го освоија златото во машка конкуренција, а Американките во женска конкуренција.