Посетител во „Крокус“ успеал да совлада еден од терористите: Видов ужас во очите на сопругата

by fokus

Маж, по име Михаил, кој вчера вечер бил со жена си во концертната сала „Крокус“ ​​денеска за руските медиуми изјавил дека совладал терорист и му го одзел оружјето.

Според неговите зборови, тој во моментот на нападот ја оттурнал сопругата, потрчал кон терористот, ја грабнал неговата автоматска пушка, ја одзел и почнал да го удира напаѓачот по главата, пренесува РТ.

„Ја погледнав сопругата и го видов ужасот во нејзините очи. Сфатив дека морам да направам нешто“, рекол мажот во интервју за ТВ каналот „Россија 24“.

Според самиот херој, терористот се обидел да побегне, но тој го држел за врат. Потоа на помош дошол друг маж кој помогнал напаѓачот да биде совладан.

„Беше ужас. Сфатив дека ако одложам, ќе ме убие и мене и мојата сопруга. Морав да го нападнам тој злосторник. Тој направи грешка што остана сам“, рече Михаил.

Претседателот на Истражниот комитет, Александар Бастрикин, предложи награда за храбриот маж.

„За време на терористичкиот напад, еден од присутните во салата покажа неспоредлива храброст. Мажот обидувајќи се да ја заштити сопругата од терористите кои пукаа во луѓето, нападна еден од нив и го неутрализираше. Со своите активни и решителни акции тој ги спасил животите на луѓето околу него во тој момент“, се вели во пораката.

Според рускиот истражен комитет, бројот на загинатите во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ ​​во близина на Москва се искачи на 143.

Поврзани новости