ВИДЕО|Израелски тенкови влегоа во Рафах

Израелската армија влезе во градот Рафах во јужниот дел на Газа, откако Израел најави напади против милитантите на Хамас во областа.

Во соопштението во вторникот наутро, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека спроведуваат „прецизна антитерористичка операција во источниот дел на Рафах“ во обид „да ги елиминираат терористите на Хамас“.

На видеото објавено од ИДФ се гледаат најмалку четири израелски тенкови на преминот Рафах на границата со Египет.

ИДФ, исто така, рече дека нивните војници „успеале да воспостават оперативна контрола на страната на преминот во Газа“. Се додава дека копнените трупи и воздухопловните сили уништиле воени структури на Хамас во областа, тврдејќи дека елиминирале приближно 20 милитанти.

Според неименуван палестински безбедносен функционер и египетски функционер, цитиран од Times of Israel, израелските тенкови достигнале дури 200 метри од терминалот на преминот Рафах, кој е директно на египетската граница. Египетскиот функционер изјави за весникот дека „операцијата е ограничена во обем“.

ИДФ соопшти дека ги охрабрила локалните жители да се евакуираат во проширената хуманитарна област во Ал-Маваси, која се наоѓа на брегот и подалеку од преминот Рафа.

Операцијата во Рафах доаѓа откако ИДФ соопшти дека од областа биле испукани минофрлачки гранати врз израелските војници, при што загинале четворица војници, а неколку други се повредени. Тоа, исто така, следи по одлуката на Хамас да го прифати египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, чии детали засега остануваат нејасни.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, сепак, соопшти дека договорот „е далеку од исполнување на основните барања на Израел“. Се додава дека националниот воен кабинет едногласно одлучил да продолжи со операцијата на ИДФ во Рафах, „со цел да изврши воен притисок врз Хамас“ и да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците заробени од палестинската милитантна група од почетокот на непријателствата на 7 октомври.