28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈагниња има, ама луѓето немаат пари – сточарите бесни на откупувачите

Јагниња има, ама луѓето немаат пари – сточарите бесни на откупувачите

Во месарниците низ целата земја, јагнешкото месо се продава по многу високи цени, а тоа предизвикува недоволство кај сточарите, но и кај потрошувачите.

Според изјавите на неколку сточари и потрошувачи, разликата помеѓу откупната цена и цената на продажба во месарниците е огромна.

Сточарите се бесни, бидејќи од нив го откупуваат јагнешкото месо по 230 – 240 денари за килограм жива мера, а потоа го продаваат по 800 денари.

Еден сточар од прилепските села, кој сакаше да остане анонимен, ни изјави:

„Државата ни забранува да продаваме јагниња на своја рака. Ете, сега да дојдете вие кај мене дома и да сакате да купите јагне за Велигден, јас не смеам да ви продадам. Сите треба да ги продадеме по откупната цена. Но проблемот е што откупувачите нудат само 240 денари за килограм жива мера, а потоа во месарниците цената се зголемува на 800 денари. Ова е целосно неправедно“, вели нашиот соговорник.

Пензионерот Владимир Јордановски од Ѓорче Петров вели дека ова ќе биде првиот Велигден во неговиот живот без јагнешко месо на трпезата.

„Цената на јагнешкото месо е превисока. За овој Велигден, за првпат во мојот живот, нема да јадам јагнешко месо. Цената од 800 денари по килограм е неприфатлива. И плус, не можеш да кажеш колку месо сакаш, туку си обврзан да купиш цело јагне, половина јагне или четврт јагне. Ако купиш четврт јагне, мораш да го купиш и џигерот. Или, пак, ако купиш половина јагне, мора да купиш и половина глава. За три килограми јагнешко месо ќе треба да издвоиш најмалку 2000 денари, а всушност си купил џигери и коски“, коментира Јордановски.

Со оглед на овие изјави, јавноста се прашува дали треба да се прегледаат цените на јагнешкото месо и дали потрошувачите треба да плаќаат толку високи суми за ова вкусно месо во време на најголемиот христијански празник Велигден.

Инаку, деновиве ќе започне и извозот на македонското јагне, а годинава освен на традиционалните пазари во Хрватска и Италија, се очекува дел од македонските јагниња да се најдат и на бугарскиот пазар.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП