| |

Победа на клановите

Facebook став на Никица Корубин

За да имаме објективна слика на првиот круг на претседателските избори, кои да не заборавиме доаѓаат во пакет со парламентарните, токму на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ (разбирливо) и прифаќање на СДСМ (неразбирливо); треба да ги ставиме во контекст. А, контекстот е се разбира моментот на почетокот на мекото, кое потоа премина во грубо блокирање на ЕУ интеграциите – крајот на 2019 година.

Иако, формалниот изговор, за предвремени избори тогаш, кога најмалку беа потребни, беше “француското вето”, кое патем речено беше “дигнато” само 6 месеци подоцна; неформалната причина, беше суштинска и дојде во омилениот параван, за сите без исклучок – Отворен Балкан. Кој пак, на дневен ред дојде дури сега, 5 години подоцна, во “5 минути до 12”, од страна на албанскиот политички блок, кој да не заборавиме на оваа тема, идентично како и македонскиот блок беше апсолутно нем, што би рекле, молкот е одобрување.

За овие 5 години, имаше три изборни циклуси, од “се’ по малку”, од парламентарни, преку локални, до претседателски, и беа испробани сите финеси и варијации и изговори од типот “не може да се споредат”; за да доведат до истата константа: неизлезноста. И токму таа константа е првиот и клучен критериум за било која понатамошна анализа, во ситуација кога “бројките и процентите” ги мериме во едвај 50% излезност.

Зошто ова е важно, а особено за убедливиот победник во првиот круг на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ? Па, затоа што токму тие милуваат да говорат од име на “народот”, па сега после 5 години, “катаклизми, распад и предавства”, ќе мора да се навикнуваат на фразата во име на “половина од народот”.

Исто, како што СДСМ, заборави да се обрати и на повеќе од “половина од народот”, во битката за ЕУ интеграциите, занесени во одбрана на Отворен Балкан, впрочем како предводници на тогаш суптилната “статус-кво состојба” на Северна Македонија со инсистирање на предвремени избори, пред воопшто, во тој момент да бидеме член на НАТО, а не па да ги имаме отпочнати преговорите за ЕУ.

Но, она што е најинтересно, а што ги одбележа овие 5 години, во кои ги видовме сите “можни и неможни” варијанти за заладување на односите со Бугарија, кои кулминираа од средината на 2022 година и усвоената преговарачка рамка, во форма на “бугарски диктат” со сесрдна помош на “медиумскиот диктат”, и сите “објективни” анкети, дека “80 проценти од Македонците” се против уставните измени; легитимно е да прашаме, а каде се тие 80% на контото на ВМРО-ДПМНЕ, бастионот на бугарскиот диктат? Дали анкетите ги мереле само нивните гласачи, а ги претставиле како генерален примерок?

Па, така, со целиот медиумско/партиско/клановски инжињеринг на “ништо не чини”, бројките, тој магичен партократски збор, покажаа дека “пропагандата” (медиумите), преку “алатката” (партиите) се во функција на ефективните “блокатори” (клановите). Кои се всушност вистинските победници на првиот круг на претседателските избори, како увертира и предупредување не за она што ќе се случува во вториот круг, туку она што не смее да се случи во Северна Македонија, без нивно учество и дозвола. Позадински “мајстерманд”, сивата еминенција на нашата блокирана сегашност и иднина.

А, за тоа доволен е поглед на речиси фиксните “бројки” што одат на контото на двете партии, нивните фиктивни коалициони партнери, и нивните наменски противници. Станува збор за истите гласачи, “распределувани” по потреба. Она што се “одлева” од кај едните, се “прелева” кај другите; веројатно како реализација на сите “тајни и јавни” меѓупартиски преговори, кои на ниво на задржување на оваа статус-кво ситуација, се чини дека се во совршена кохезија.

И, на крајот, за “вмешувањата”. Токму крајот на кампањата на претседателските избори, која беше одбележана со силна “просрпска/проВучиќ” одбрана на позицијата на властите на Србија, дијаметрално спротивни на позицијата и интересот на нашата држава, во ситуација кога тие влегуваат во конфликт со светот; од страна на широк дијапазон на партии, аналитичари и медиуми кај нас; дали всушност главната позадинска цел на овој круг избори беше ослабување на ВЛЕН, а преку него дискредитирање на Албин Курти, чии соработници во Северна Македонија се на листите на ВЛЕН?

И додека ги броиме “тури-претури” гласовите од “корпусот од 50%”, регионот доживува сериозни промени. И бидејќи многу милуваат нашите партии, да се фалат дека секогаш сме биле “на правата страна на историјата”, прашање е дали разбираат што тоа значи во сегашни околности. “Правата страна” да не биде овој пат “евакуација на единствената погрешна страна” во моментов, во регионов, кај нас. Сакате авторитарност или демократија? Секоја последица си има своја причина.



Слични Објави