Top Sport

Елиминацијата на Арсенал го однесе Салцбург на клупскиот Мундијал во 2025

Фудбалерите на Салцбург се последните претставници на Европа на Светското клупско првенство, кое ќе се одржи летото 2025 година во Соединетите Американски Држави, соопшти Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Шампионот на Австрија се пласираше на клупскиот Мундијал, благодарение на елиминацијата на Арсенал од Баерн во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Светското клупско првенство за прв пат ќе се одржи во нов формат, со 32 клуба, следната година во САД од 15 јуни до 13 јули.

Засега се познати 24 клубови учесници, а остануваат уште осум места. Познати се и имињата на сите 12 клубови кои ќе ја претставуваат Европа.

Покрај Салцбург тоа се Реал и Атлетико, Манчестер сити и Челзи, Баерн и Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен, Интер и Јувентус, Порто и Бенфика.

Азија ќе ја претставуваат Урава, Ал Хилал и Улсан.

Од Јужна Америка местото засега го обезбедија бразилските клубови Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе. Од Северна и Централна Америка на првенството ќе играат мексиканските клубови Монтереј и Леон и американскиот Сиетл.

Египетскиот Ал Ахли и мароканскиот Видад се претставници на Африка. Океанија во Америка ќе ја претставува новозеландскиот Окленд Сити.

Останатите осум места ќе ги заземат три клуба од Јужна Америка, два од Африка и по еден од Азија, Северна и Централна Америка и Соединетите Американски Држави.

Scroll to Top