Почнува конфискација на дивоградбите на државно земјиште!

75

Општините ќе можат да конфискуваат дивоградби и наместо да ги уриваат да ги доделат на користење на ранливи групи или младински организации. Според новото Законско решение, локалните самоуправи не ќе можат да го отуѓат објектот на градежни фирми или други субјекти кои работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема каква било можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за уривање или се води постапка за легализација

 

Иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти е прифатена од ЗЕЛС и таа стана дел од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка што ги донесе Собранието. За градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, кој ја покрена оваа иницијатива, значи извојувана победа.

Тој на денешната прес-конференција истакна дека со ова на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината.

– Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во Законско решение е победа на Општина Центар, но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде што во Членот 66 е преточена Иницијативата што ја поднесов до ЗЕЛС – изјави Герасимовски.

Тој објасни дека со оваа иницијатива се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата, дивоградбата да ја предаде на општината. Притоа, општината има две можности: или да го легализира објектот или доколку има услови истиот да го урне во рок од шест месеци од прием.

– Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови – посочи Герасимовски.

Според новото Законско решение локалните самоуправи не ќе можат да го отуѓат објектот на градежни фирми или други субјекти кои работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема каква било можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти.

Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за уривање или се води постапка за легализација.

На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на Иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците, сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.

– Во државата има близу 100 илјади дивоградби. Во општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување на два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение наместо дувло на бездомници, каква што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе можат да се пренаменат и за други потреби, односно да бидат или пензионерски домови, да служат за одржување креативни работилници, како клубови за млади или пак можат да бидат предадени за социјално загрозени семејства – потенцира Герасимовски.

Градоначалникот притоа рече дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно, Герасимовски потсети дека средствата планирани за уривање на нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.

(А.П.) Фото: (П.С.)