Од понеделник децата со примени три дози ДиТеПер ќе бидат примени во градинките  

Министерството за здравство информира дека од понеделник децата со примени три дози вакцини против пертусис ќе одат во градинка, но со услов ревакцина во наредните шест месеци.

„Министерот за здравство Илир Демири донесе одлука со која се дозволува прием и престој во детски градинки на територијата на Северна Македонија, на деца кои по Catch-up календарот ја комплетирале примовакцинацијата (три дози ДиТеПер вакцина), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија“, велат од Министерство за здравство.

Одлуката, која е согласно препораките на Комисијата за заразни болести од состанокот одржан на 14 март, стапува на сила од денеска, а ќе се применува од понеделник.

Исто така, министерството информира дека ДиТеПер вакцините за возрасни се стигнати и граѓаните можат да се вакцинираат во вакциналните пунктови.

„Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита. Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца“, се вели во соопштението.