САД веќе ѝ испорачале на Украина проектили со долг дострел, потврди Пентагон

Соединетите држави испратија нов ракетен систем со долг дострел во Украина, потврди во средата Пентагон. Високопрецизното оружје е дел од итниот воен пакет за Украина, објавен од САД во март, но „на барање на Украина“ не бил конкретно наведен во списоците за испорака.

Претседателот Џо Бајден му наложи на својот тим да ја изврши испораката откако Русија наводно набавила балистички ракети од Северна Кореја и ги употреби против Украина, според Пентагон.

!Тактичките ракетни системи познати како ATACMS ќе ѝ помогнат на Украина да им се закани на руските сили во кој и да е дел од окупираната украинска територија“, соопшти американското Министерство за одбрана.

Најавата дојде неколку часа откако Бајден рече дека новата воена помош ќе започне да тече за Украина „во следните неколку часа“ по потпишувањето на тешко изборената легислатива која обезбедува милијарди долари нови трошоци за воена поддршка на борбата на Украина против Русија.

„Ќе се погрижам испораките да започнат веднаш. Во следните неколку часа, буквално за неколку часа, ќе започнеме да испраќаме муниција за противвоздушна одбрана, артилерија за ракетни системи и оклопни возила во Украина“, рече Бајден во Белата куќа.

Нагласи дека обновувањето на залихите на американско оружје на Украина е „инвестиција не само во безбедноста на Украина, туку и во безбедноста на Европа и нашата“. Бајден предупреди дека „ако Украина не успее“, следниот потег на рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде „директен напад“ врз сојузниците во НАТО: „Нема да имаме друг избор освен да им помогнеме. Исто како што нашите сојузници од НАТО ни дојдоа на помош по нападите од 11 септември“.

Неколку американски медиуми, повикувајќи се на американски владини претставници, објавија дека ракетите со долг дострел пристигнале минатата седмица и веќе биле употребени. Телевизиската мрежа NBC News објави дека Украина минатата седмица извршила напад на црноморскиот полуостров Крим, а оваа седмица и на градот Бердјанск во југоисточна Украина. Според извештаите, дополнителни ракети АТАКМС ќе бидат вклучени и во воениот пакет што го објави американскиот претседател Бајден во средата по одобрувањето од Конгресот.

Пентагон во средата не соопшти конкретно дали испорачаните ракети ATACMS се модели со дострел од околу 300 километри или оние со помал дострел од 160 километри како досега. Во октомври минатата година, Украина распореди ракети ATACMS кои дојдоа од САД. Тогаш тоа беа модели со помал дострел од околу 165 километри. Украинската влада бара ракети кои можат да погодат многу подалечни цели,дури и на руската територија, меѓутоа сепак тие не помогнаа вооопшто во неуспешната противофанзива која Киев ја започна на почетокот од јуни 2022 година а по шест месеци мораше да прознае дека украинските сили не постигнале никаков напредок на боиштето.

Сенаторите во американскиот Конгрес одобрија пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, откако Претставничкиот дом даде одобрение по неколкумесечни политички расправии и жестоко противење од крајно десничарските републиканци. Од крајот на минатата година, на Киев му беше дадена мала материјална поддршка од Вашингтон поради застојот во Конгресот, и покрај итните молби на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот лидер изрази олеснување поради очајно потребниот пакет воена помош што го објави американскиот претседател. „Без разлика што некој ќе каже, ја добиваме потребната поддршка за да продолжиме да ги штитиме животите од руските напади“, напиша Зеленски на X.

„Благодарен сум на претседателот Бајден, Конгресот и сите Американци кои признаваат дека мораме да му се спротивставиме на Путин наместо да го слушаме, бидејќи тоа е единствениот начин вистински да се намалат заканите за слободата. Заедно, можеме да успееме“.