Заедно со околу 700 други наоди од Балканот, изложени се и артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, а со цел да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства

 

Изложбата во која се вклучени и предисториски предмети од Македонија ја продолжува турнејата низ Северна Америка. Насловена како „Првите благородници во Европа“, оваа изложба е отворена во Канадскиот музеј на историјата во Гатино – Отава. Во неа, заедно со околу 700 други наоди од Балканот, изложени се и артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, а со цел да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства.

Оваа изложба е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“, иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји. Во неа како македонски претставници учествуваат Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музеј – Гевгелија, координирани од археологот Гоце Наумов. „Изложбата воедно претставува и првото презентирање на македонското културно наследство во Канада, што секако е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најекслузивните предисториски предмети во Македонија. Имајќи го предвид реномето и високите стандарди на Канадскиот музеј на историјата, оваа изложба е изведена со извонреден дизајн кој ги вклучува посетителите во автентичниот амбиент на секој од предисториски периоди (неолит, енеолит, бронзено и железно време)…“, посочува археологот Гоце Наумов.

 

Изложбата ќе биде отворена до јануари 2025 година и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители, што воедно е извонредна можност да се претстави македонското културно наследство пред многу поширока публика.

Инаку, изложбената турнеја на поставката „Првите кралеви во Европа“ беше започната во 2022 година во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 година беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

„Овој проект е исто така и најголемото претставување на балканската предисторија во светот досега, што предизвикува многу големо внимание меѓу стручната и пошироката јавност. За потребите на изложбата публикувани се ексклузивен зборник и каталог, а во кои како автори се вклучени и македонски археолози“, додава Гоце Наумов, национален координатор за изложбата.