Арбен Таравари, кој е дел од здружената албанска опозиција „Влен“, е оптимист за уставните измени и верува дека земјата до 2028 година има шанси да стане членка на Европската унија.

Во интервју за телевизија Телма, Таравари вели дека и од ВМРО-ДПМНЕ има волја да се реши проблемот и да почнат преговорите. Посочува дека има предлози и од двете страни за европскиот пат на државата, но и сугестии од меѓународни експерти кои се надева дека во периодот што следи ќе бидат многу активни меѓу Скопје и Софија.

– Зборувавме генерално за европскиот пат. Европскиот пат на Македонија е да се смени Уставот, да се направат одредени уставни промени. Свесни сме дека Преговарачката рамка е тешко да се смени, значи не зборуваме за Рамката. За ова, оставивме да разговараме уште еднаш бидејќи во јуни имаме избори во Бугарија, така што да видиме дали ќе имаме стабилна влада во Бугарија, меѓутоа имаме и олеснувачи кои ќе помогнат овој период и кои се надевам дека ќе бидат многу активни за изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатливо за идните влади на двете држави. Има олеснувачи и од ЕУ, истакна Таравари.

Во однос на свечената изјава на новата претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова која не го спомена уставното име на државата, Таравари  вели дека се уште преовладува еуфоријата од изборите и се надева дека новата претседателка на државата ќе ги почитува Уставот и меѓународните договори.

– Се уште сме во еуфоријата на предизборие, се надевам дека претседателката би требало да ги почитува сите договори што се донесени од институциите на државата. Како „Влен“ изразивме жалење поради тоа што се случи и се надевам дека претседателката ќе го почитува уставното име на државата, рече Таравари.

Според него, досега со ВМРО-ДПМНЕ не е разговарано за поделба на ресори и кадровски решенија и ги отфрли како шпекулации информациите во медиумите дека барале одредени министерства.

Во однос на укинувањето на Балансерот, Таравари вели дека застапеноста на етничките заедници мора да ја има во сите институции. Балансерот беше злоупотребен, вели Таравари, доколку има друг инструмент со кој ќе се воведе етничката припадност и меритократноста, можеме да разговараме.

Околу најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе земе заем од друга влада, Таравари вели дека нема таква информација, а обвинувањата од Европскиот фронт за изборен инженеринг, ги нарече смешни.

Локалните избори што треба да се одржат во 2025 година, според Таравари, ќе бидат првиот тест за новата влада.