Фото: Маја Јаневска Илиева

Несомнено, уставните ингеренции на претседателот преку Советот за безбедност отвораат една широка рамка на можности за активирање на ова тело секогаш кога ќе се забележи некаква закана по безбедноста, итно и без дополнителни одлагања, со една и единствена цел – навремена и ефикасна реакција на секаква закана

Ова е шесто продолжение во серијата текстови во кои загатнуваме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните

Претседателот на државата има уште една моќна алатка во свои раце

Секоја потенцијална опасност, без оглед дали станува збор за внатрешен или надворешен фактор, мора навремено да биде превенирана, во координација со сите надлежни служби и тела. Улогата на главен координатор секогаш мора да ја има претседателот на државата, кој треба да направи точна и навремена процена каква опасност се заканува и во таа насока, во согласност со неговите уставни ингеренции, да го свика Советот за безбедност на кој ќе се анализира потенцијалната закана и да им подели задачи и обврски на надлежните.
Во членот 86 од Уставот е наведено дека претседателот на државата е истовремено и претседател на Советот за безбедност на Република Македонија, а покрај него, во Советот членуваат и претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите што раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови што ги именува претседателот на Републиката. Советот ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и им дава предлози на Собранието и на Владата. Несомнено, уставните ингеренции на претседателот преку Советот за безбедност отвораат една широка рамка на можности за активирање на ова тело секогаш кога ќе се забележи некаква закана по безбедноста, итно и без дополнителни одлагања, со една и единствена цел – навремена и ефикасна реакција на секаква закана.

Советот за безбедност како алатка за навремено превенирање од внатрешните безбедносни закани

Во досегашната нешто повеќе од тридецениска независност на државата се покажа дека внатрешните закани можат да направат многу поголема штета и целосно да ја загрозат државата доколку не се елиминираат уште пред да станат закана.
– Под директни ингеренции на Претседателот е Агенцијата за разузнавање, така што тој во секој момент добива информации од значење за безбедноста, одбраната, надворешно-политичките и економските интереси на државата и слично. Со други зборови, тој е постојано брифиран дали се забележани одредени активности што можат да значат закана по безбедноста. Ако дојде до такви податоци уште во рана фаза, претседателот веднаш треба да го свика Советот за безбедност, да ги собере сите релевантни функционери во државата и да се подготви план како ќе се реагира. Кога станува збор за внатрешна закана, тоа е чувствително прашање што мора да се чува во најголема тајност, за да не се случи информациите да протекуваат и заканата да не биде елиминирана. На Советот за безбедност претседателот треба да им ги подели задачите на собранискиот спикер, на премиерот, на надлежните министри, за да се знае прецизно кој што работи и каде треба да се лоцира одговорноста при евентуален неуспех. Пример за лоша координација и за нефункционирање на Советот за безбедност е конфликтот во 2001 година, кога секој преземаше потези на своја рака, што резултираше со општа хаотична состојба во државата, по што повеќе ништо не беше исто – велат аналитичарите.
Според нив, кога станува збор за внатрешните закани, не смее да има никакви разногласија во надлежностите, туку треба да се дејствува координирано и во вистинскиот момент.
– Претседателот мора да биде столбот на Советот на безбедност, тој да ги добива информациите и да ги координира мерките што ќе се преземат, оти негова уставна обврска е да го штити внатрешното уредување на земјата од секакви закани. Тој мора да се наметне како фактор и, ако треба, Советот за безбедност ќе го држи во постојано заседание додека не биде отстранета дури и најмалата закана од некаков внатрешен фактор – посочуваат соговорниците.

Членството во НАТО не ги елиминира надворешните закани

По приемот на земјата во НАТО делумно е намален ризикот од надворешни закани, но во никој случај тоа не значи дека не постојат. Се разгоре војна во Европа, а и Блискиот Исток е пред експлозија. Пример за надворешни закани беа и дојавите за поставени бомби низ училиштата и на повеќе јавни места, што резултираше со дополнително ангажирање на безбедносните служби.
– Претседателот на државата во ниту еден момент не смее да ги занемари ниту надворешните закани и да смета дека по приемот на НАТО земјата е безбедна и дека некој друг ќе се грижи за нашата безбедност. Секогаш кога ќе добие информации дека има одредени раздвижувања на вооружени групи во соседството и кога ќе добие разузнавачки податоци за такви активности, должен е веднаш да го свика Советот за безбедност, на кој ќе се разработат одговори за сите можни сценарија што потенцијално би ја загрозиле и безбедноста на Република Македонија однадвор. Да не заборавиме дека конфликтот од 2001 година беше увезен однадвор, токму затоа што тогашните власти не обрнуваа посебно внимание на информациите за движење и групирање на вооружени групи од соседството во близината на македонската граница. Веќе две години има војна во Украина, се распламтува и конфликтот на Блискиот Исток, така што овие настани секако се повод да се свика националниот Совет за безбедност и да се разгледаат потенцијалните безбедносни закани, имајќи предвид дека борци од Македонија беа лоцирани на боиштата во Украина, но и на Блискиот Исток. Пред извесно време имаше сериозна безбедносна ескалација во Косово, која се закануваше да прерасне во оружен конфликт, армиите на Балканот и во Европа масовно се вооружуваат, сѐ погласно се говори за враќање на служењето задолжителен воен рок, така што Советот за безбедност повторно може да биде алатката што ќе биде употребена како еден вид „совет на мудреци“, да се процени дали и какви надворешни закани би можело да има за земјава и колку сме подготвени за одговор на тие закани – посочуваат некои од безбедносните експерти.
Тие додаваат и дека надворешните безбедносни закани подразбираат и кибернетички напади, кои можат да нанесат огромни штети.
– Да не заборавиме, надворешна закана не е само со војска туку може да се случи и со помош на хакери, кои ги напаѓаат системите во институциите, банките, здравствениот систем, пензискиот систем, имавме напад дури и на Државната изборна комисија во време на изборен процес. Националниот Совет за безбедност, на чело со претседателот на државата, мора постојано да ги следи ваквите закани и да инсистира на лоцирање и отстранување на заканите – наведуваат соговорниците.

Здравствена безбедност

Улогата на претседателот на државата преку активирање на Советот за безбедност е да превенира и каква било здравствена закана што може да предизвика сериозни последици врз целокупното општество. Изминатите месеци сме сведоци на ширењето на епидемијата на голема кашлица, а пред извесно време се соочивме со најголемата пандемија што ја памети модерното човештво, онаа на ковид-19.
– Македонија најмногу потфрли за време на пандемијата, затоа што на почетокот никој не ја сфати доволно сериозно заканата. Уште кога се појавија првите случаи со коронавирусот во Вухан, тука сите мислеа дека тоа е далеку, ќе остане таму, како што беше случајот со некои други вируси, како птичјиот грип и слично, но не излезе така. Претседателот на државата мора да ги следи сите информации поврзани и со здравствената безбедност, има информации од СЗО, па ако има најави за нови потенцијални здравствени закани, треба веднаш да го свика Советот за безбедност, на кој, покрај постојаните членови, би биле поканети и здравствени експерти што најдобро би знаеле какви мерки да се преземат. Да беше активиран Советот за безбедност уште во јануари 2020 година, можеби ќе се направеше подобра процена и ќе се подготвеше државата инфраструктурно и организациски за поефикасен одговор на пандемијата, наместо да бидеме земја со најмногу жртви од ковид-19 и да се молиме наоколу за вакцини. Тоа беше поразително. Идниот претседател не смее да дозволи да се повторат такви работи, па при какви било индиции за здравствени ризици, треба веднаш да го свика Советот за безбедност и да се подготват планови за дејство – апелираат соговорниците.

Економска безбедност

Претседателот на државата може да го свика Советот за безбедност секогаш кога ќе процени дека има загрозување на економската безбедност и стабилност на државата. Најавите за енергетска криза беа доволна причина навремено да се свика Советот за безбедност и да се утврдат плановите и насоките, односно да се знае што ќе се прави ако нема гас, ако нема електрична енергија, ако нема нафта и слично. Тоа е улогата на Советот за безбедност, да ги утврди сите ризици и да понуди решенија како да се надминат тие состојби. Претседателот не смее да остане настрана ниту кога пошироката енергетска фела алармира дека државата се доведува во подредена состојба кон други земји така што ги распродава енергетските капацитети и природните ресурси.
– Последните месеци во јавноста се крена голема врева за препуштањето на капиталниот енергетски проект „Чебрен“ на друга земја, со што таа би ги користела нашите водни ресурси во наредните 60 години. Оцената на повеќето експерти беше дека на тој начин државата се става во енергетско заложништво. Дури и ова е сигнал за претседателот да го свика Советот за безбедност, бидејќи ако државата се најде во економска зависност, многу лесно ќе може да се влијае врз состојбите на внатрешниот економски пазар и генерално на целата македонска економија, а со тоа и врз стабилноста на државата. Советот за безбедност, овој пат дополнет со луѓе од енергетскиот сектор, може да направи најдобра процена за нивото на економска закана и врз основа на тие заклучоци да даде насоки до Владата како да се постапува – потенцираат соговорниците.
Несомнено има уште редица безбедносни закани што може да бидат постојана тема на Советот за безбедност, почнувајќи од еколошките ризици, климатските промени, елементарните непогоди и слично.
– Претседателот ја имаа оваа моќна алатка во свои раце и не смее да ја занемарува или, пак, да чека до последен момент нешто да се случи, па тогаш да го свикува Советот за безбедност. Огнот се спречува ако се изгаси жарчето, оти потоа веќе е доцна. Така и претседателот, мора да реагира и да превенира предвреме, користејќи ги максимално сите законски и уставни можности што му се на располагање – заклучуваат соговорниците.