Рекет не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите, вели Бојан Јовановски

Бојан Јовановски денеска во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“ во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.

Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување на нови докази.

Барањето, како што рече, е поднесено поради нови околности и докази кои не биле употребени во доказната постапка.

„Случајот „Рекет“ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста конечно да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска официјално во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет““, истакна тој.

Кажа дека поседува цврсти докази кои наскоро ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот кој комуницирал директно со сите лица кои биле кривично засегнати со постапките на СЈО.

„Обвинителката Вилма Русковска презентираше само две-три пораки кои сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот „Рекет“, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот кој го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот кој го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите лица кои беа кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот кој во позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, кажа Јовановски.

Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.

„Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество кој што е суден за кривично дело кое е предвидено за лица кои вршат службена положба. Досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски, третиот суден по ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што тие вршеле службена положба а јас сум бил цивилен граѓанин“, изјави тој.

„Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не извитоперена и избрзана, да ја докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, што навистина со случувало во фамозниот „Рекет“, случај зад кој стоеше една цела констелација на политички притисоци“, додаде Боки 13.

Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.

Текстот Рекет не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите, вели Бојан Јовановски е превземен од МАКФАКС.