Потребен е независен центар за моторни возила

Тодор Давчев/Фото: Комора на проценувачки

Нашата земја, кандидат за влез во ЕУ, ќе мора во своето законодавство да ги имплементира законите (директивите) на Унијата. Поради некоординираност и несоработка помеѓу институциите, поради некомпетентноста и нестручноста на нивните кадри, далеку сме од исполнувањето на минималните барања на Директивата на ЕУ во однос на стручноста и усовршувањето на контролорите и на инспекциските тела за технички преглед.

Патниот сообраќај е најмасовниот вид транспорт за превоз на патници и товар и на куси и на долги растојанија. За безбедно и ефективно извршување на транспортните задачи треба да бидат исполнети барања поврзани со техничката состојба на возилата. Техничката контрола на исправноста на возилата е основна алатка за процена на нивната техничка состојба – на ризиците за нивното безбедно движење и на состојбата прифатлива за човековата околина. Во контекст на ова, Европскиот парламент и Советот на Европа во 2014 година ја донесе Директивата 2014/45/ЕУ, која се однесува на техничките прегледи на моторните возила и на нивните приклучни возила. Таа се применува во сите земји на Унијата од 20 мај 2018 година.

  1. Големиот наплив на застарени возила од западните земји беше следен со наглиот број новоотворени станици за технички преглед (СТП) во нашата земја. Доколку се има капитал, за кусо време може да се изгради и да се опреми станица, но едукацијата на кадарот е процес што бара повеќе време. Тогашниот министер за сообраќај и врски Боби Спирковски ми предложи да подготвам Правилник за технички преглед. Тоа го направив според германскиот правилник за технички преглед, а врз основа на него и прирачник: „Системи за кочење на моторните возила – конструктивни решенија и контрола“ во издание на АМСМ во 2000 година. Контролорите на АМСМ и на АСУЦ се обучија, но доколку се применеа сите потребни контроли речиси половина од увезените камиони и автобуси не ќе можеа да ја поминат контрола на исправноста. Сојузот на возачи на РМ (МВР) не ја прифати едукацијата на нивните контролори. Популизмот надвладеа, министерот, во меѓувреме, беше сменет, а со тоа неговата иницијатива падна во вода. Состојбата со квалитетот на техничките прегледи до денес остана речиси непроменета.
  2. Под притисокот на еколошките здруженија и на јавноста во западните земји, наместо класичните „механички системи“, производителите во возилата вградуваа современи, т.н. „мехатронски системи“ – синергија на механика, електрика, електроника и компјутерска техника.

Современата техника беше следена и со соодветна едукација. Во рамките на Проектот за унапредување на стручното образование во техничките занимања, германското Друштво за техничка соработка отвори канцеларија во Скопје. Бев нивен надворешен консултант со задача, заедно со наставници од техничките училишта и со инженерите  од автосервисите, да ги преведеме соодветните наставни програми од ЕУ.

Според тие програми ја напишав книгата „Автомобилски мотори (системи, компоненти, дијагностика и одржување)“, издадена од „Судетски збор“ во 2004 година. Друштвото ја промовираше книгата на Машинскиот факултет во Скопје по што следеше обука на 18 наставници од девет машински училишта од Македонија. Овие наставници имаа задача да ги промовираат мехатронските системи во нивните училишта. Со тоа заврши проектот во кој Друштвото вложи големи финансиски средства.

По некое време Министерството за образование и наука (МОН) објави Програма за издавање учебници за основно и за средно образование. Книгата „Автомобилски мотори“ беше прифатена да биде редовен (бесплатен) учебник за средно стручно образование, но според Педагошката служба на МОН, насловот и содржината на книгата не биле во согласност со нивната (застарена) програма. МОН го игнорираше проектот на Друштвото. Дадена е согласност книгата да се користи како стручна литература, а тоа значи ученикот што сака да ја има ќе мора да ја купи. Книгата беше широко прифатена од студентите и од стручната јавност – доживеа три изданија.

  1. Сакајќи да придонесам за подобрување на едукацијата на контролорите во станиците за технички преглед и на лицата ангажирани во одржувањето на моторните возила, во контекст на климата во општеството создадена со автобуската несреќа кај Ласкарци (17 мртви и 18 тешко повредени) и со актуелната кандидатура на нашата земја за членство во ЕУ, во 2020 година го напишав прирачникот „Моторни возила – техничка контрола на исправноста“. Содржината на прирачникот се темели врз Директивата на ЕУ за техниките прегледи на возилата (Прилогот 1).

Со ракописот на книгата се обратив до претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата со предлог да биде издавач. Во земјава има околу 150 станици за технички преглед. Еден подарен примерок на контролорите (150 стручни книги, мал трошок) ќе беше придонес кон подобрување на нивото на нивната едукација и воедно афирмација за Републичкиот совет. Предлогот беше одбиен од претседателката. Меѓутоа, стручната фела за возила ја препозна потребата од таков вид стручна литература – книгата е отпечатена 2021 година во издание  на „Аутомакедонија“ АД Скопје.

(Републичкиот совет го именува Собранието на РСМ, а го сочинуваат 20 члена. Претседателот е сообраќаен инженер, наставник по сообраќајните струки – насока за транспорт и шпедиција, во средното училиште „Таки Даскало“ во Битола, а членовите се со разни квалификации и занимања, но во него нема ниту еден машински или електроинженер. Не е тешко да се заклучи кои биле критериумите за членство во Советот).

Во Извештајот (оценка) од Европската комисија во Скопје, од 2022 година за проект финансиран од ЕУ со цел зајакнувањето на имплементацијата на законодавството на ЕУ во областа на моторните возила стои, цитирам: „Вработените во полицијата го немаат потребното знаење и искуство за квалитетен надзор на техничките прегледи на возилата – надзорот се врши површно и формално. Во МВР нема систем за нивно стручно оспособување и за континуирано усовршување“. Се констатира дека во надлежноста на МВР е развивањето програми за специјалистичка обука на контролорите, но програми нема – обуки не се вршат.

Дали знаете, почитувани, дека од цената за технички преглед сопственикот на возилото плаќа 2,5 %, сума што оди на контото на Републичкиот совет. Тоа е мала сума за издавање на книгата за  подобрување на едукација на контролорите во споредба со донацијата од 7,3 милиони денари потрошени за набавка на 12 мотоцикли за потребите на МВР. Донатор е Советот, примач на донацијата е МВР.  Донацијата, според придонесот за безбедноста во сообраќајот, еднаква е со „советите“ што Советот јавно им ги промовира на децата, пешаците и на возачите со кои го понижува нивото на интелигенцијата на овие лица.

Нашата земја, кандидат за влез во ЕУ, ќе мора во своето законодавство да ги имплементира законите (директивите) на Унијата. Меѓу нив е Директивата 2014/45/ЕУ. Поради непостоење координираност и соработка помеѓу институциите на системот, поради некомпетентноста и нестручноста на нивните кадри, далеку сме од исполнувањето на минималните барања на Директивата на ЕУ во однос на стручноста и усовршувањето на контролорите и на инспекциските тела за технички преглед. За надминување на оваа состојба, по примерот на некои земји во ЕУ, би требело да се формира центар за возила – стручна организација што ќе се занимава со техничките прегледи на возилата.

(Авторот е редовен професор во пензија во Институтот за моторни возила на Машинскиот факултет во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот