Ковачки: Само за општина Лозово во програмата имаме предвидено милион и 200.000 евра

За развој на општините во нашата програма е предвидено 250 милиони евра секоја година од централниот буџет до општините. За општина Лозово имаме 1 милион и 200 илјади евра кои значат нови инфраструктурни проекти само во Лозово, истакна на денешниот митинг во Лозово носителот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки.

„Сите овие проекти што се ставени во програмата верувајте дека тие ќе бидат реализирани. Зошто? Затоа што кога ВМРО-ДПМНЕ нешто ќе вети, ќе стави на хартија, ВМРО-ДПМНЕ тоа го реализира. Тоа не е желботека, туку ставено е во програма затоа што тоа го дознавме од вас граѓаните кога имавме акции на терен, затоа што ВМРО секогаш е на терен“ потенцираше Ковачки.

Тој исто така додаде дека луѓето од актуелната власт не ги интересираат граѓаните, туку ден повеќе на власт, па затоа потребна е сила поддршка на 24 април за Гордана Силјановска Давкова и 8 мај за пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со цел работите да почнат да се менуваат на подобро.

„Ќе ве потсетам. Кога последно биле овде овие од власта на СДС и на ДУИ? Кога последен пат бил Пендаровски? Кога последен пат бил Ковачевски. Дали воопшто биле тука во Лозово? Дали ве прашале како ви е како живеете? Со што се соочувате и какви проблеми имате? Очигледно не, затоа што нив не ги интересираат граѓаните, туку нив ги интересира ко да останат еден ден плус на власт и тоа мора да го промениме“, потенцираше Ковачки и додаде:

„Вие сте тие кои давате и вие сте тие кои земате мандат. Ние очекуваме тој мандат на 24 април, односно задутре таа поддршка да ни ја дадете. Да и ја дадете на Гордана Силјановска Давкова на 24 април, а после и на 8 мај да ја дадете и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Ни треба масовна поддршка и масовна излезност за да можеме да ја реализираме програмата и за да можеме сѐ што сме ставиле во програмата да реализираме“.