Неприфатлива е наредбата на Израел за евакуација на Рафах, обвинува Борел

од Nikola Popovski

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ја оцени како „неприфатлива“ наредбата за евакуација што Израел им ја дал на жителите на Рафах, на југот на Појасот Газа.

-Таа наредба „го навестува најлошото – уште војна и глад. Тоа е неприфатливо. Израел треба да се откаже од копнената офанзива во Рафах“, напишал Борел на мрежата Х.

„ЕУ, заедно со меѓународната заедница, може и треба да дејствува за да спречи такво сценарио“, додал Борел.

Израел денеска почна евакуација на 100.000 луѓе од источниот дел на градот Рафах на југот на Појасот Газа, каде армијата се подготвува за голема офанзива во војната против Хамас.

Во последните неколку недели, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави офанзива на Рафа, која ја претстави како последно упориште на исламистичката организација Хамас, која владее со палестинската територија.

Според податоците на ОН, таму живеат околу 1,2 милиони Палестинци, односно околу половина од населението на целиот Појас, главно раселени луѓе кои избегале од војната на северот.

Стравувајќи од крвопролевање, многу странски влади и меѓународни организации се противат на најавената воена операција во Рафах, за која Израел вели дека е клучна за уништување на последните баталјони на Хамас.

Француското Министерство за надворешни работи денеска потсети дека Франција е „цврсто против“ на израелската офанзива на Рафа, реагирајќи на почетокот на израелската операција за евакуација на Палестинците од тој град.

Париз потсети дека „присилното раселување на цивилното население е воено злосторство според меѓународното право“.

Израелскиот премиер вети дека ќе започне офанзива без оглед на исходот од тековните разговори за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.

Слични содржини