Надал: Постепено го подигам своето ниво

од Vladimir Zorba

Поранешниот светски рекет број 1, Рафаел Надал полека влегува во форма и се надева дека ќе го достигне својот врв за Отвореното првенство на Франција, кое започнува на крајот на месецот.

22-кратниот Гренд слем шампион се чувствува подобро откако во последно време го мачеа повредите кои го спречија да биде на вообичаеното ниво.

„Во добар момент сум, дури и ако резултатите не се онакви какви што беа“, изјави Надал во пресрет на учеството на турнирот од серијата Мастерс во Рим.

„Го кревам своето ниво и сакам да продолжам на овој начин“, додаде Надал.

37-годишниот Шпанец, кој посочи дека ова ќе биде неговата последна година во тенисот, одигра само девет меча оваа година, откако ја пропушти речиси цела 2023 година поради повреда на колкот за која беше потребна операција.

Надал направи три по ред на турнирот во Мадрид минатата недела, пред да загуби од 31. рангираниот Јиржи Лехечка во четвртото коло.

Пред Мадрид победи само на еден натпревар во Барселона.

„Јас сум во нагорна линија, тоа е сигурно“, рече Надал, правејќи гест со рака за да го покаже своето подобрување.

„Среќен сум што сум денеска во Рим бидејќи пред еден месец ми беше речиси невозможно да помислам дека ќе можам да играм во Барселона, потоа во Мадрид и сега овде во Рим… Но, работите се случуваат. Сите натпревари ми се тешки денес, тешки и понепредвидливи од она што ми беа натпреварите претходно, особено на земјена подлога. Ја прифаќам оваа улога. Го прифаќам овој предизвик. Возбуден сум за начинот на кој можам да играм ако продолжам да работам на вистински начин и моето тело ми дозволи“, додаде Рафаел Надал.

Тој се надева дека последен пат ќе биде конкурентен на Ролан Гарос, каде што има рекордни 14 титули. Рим е неговиот последен голем подготвителен турнир пред почетокот на Гренд слемот на земјена подлога на 26 мај.

„Пред сè сакам да играм во Рим. Тоа е турнирот што е на дневен ред. Не размислувам за потоа“, изјави Надал пред мечот на „Форо Италико“ во Вечниот град.

Првиот меч на Надал во Рим е закажан за в четврток против белгискиот квалификант Зизу Бергс кој е 108. рангиран.

Надал го освои турнирот во Рим рекордни 10 пати, а неговите први две титули на „Форо Италико“ ги идентификуваше како негови најзапаметени: победи во пет сета над Гилермо Корија и Роџер Федерер во 2005 и 2006 година соодветно.

„Точно е дека овде победив 10 пати. Но, за мене, сеќавањата на првите две победи во пет сета против Корија и против Роџер се посвежи од другите титули“, рече Надал.

Слични содржини