• недела, 12 мај 2024

Мирчевска: Одведете го детето на театар или театарот однесете го до секое дете

Мирчевска: Одведете го детето на театар или театарот однесете го до секое дете

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно е да им овозможиме театар, вели претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, Јулијана Мирчевска во пораката по повод Светскиот ден на детските театри 20-ти Март.

Како што истакнува Мирчевска, гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот, туку да се осознаат и себе си.

-Членот 13 од конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата вели: „Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или писмено, преку печатот, уметноста или друг медиум по избор на детето“. Театарот е слобода на изразувањето, креирањето. Театарот е љубов. Театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш до сега ,ни е потребна. Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почуствуваат се околу себе и во себе. „Одведете го детето на театар или театарот однесете го до секое дете“. На ова би додала: „Вклучете го секое дете во создавањето театар“, наведува Мирчевска.

Според неа, детството е најубавиот период од животот кога се формираат идните „големи луѓе“.

-Ова е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини. Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата, истакнува Мирчевска. мч/мд/

фото: АСИТЕЖ

 

Остани поврзан