Кацарска: Нема законска пречка Бугарите да влезат во Уставот


Претседатеката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во интервју за бугарската телевизија Нова порача дека нема законска пречка граѓаните кои се чувствуваат како Бугари, Албанци, Срби или Турци, да се изјаснуваат како такви. Таа додаде дека никому не му е попречено правото слободно да ја изразува својата национална припадност, вклучувајќи го и секој попис на населението.

На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во Македонија и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажа дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

На прашањето дали Македонија е подготвена да стане дел од Европската Унија со своето уставно право, кацарска одговори:

– Ние имаме современ демократски Устав, кој е всушност највисокиот акт во нашата држава. Како Судија на Уставниот суд кој што секојдневно го практицирам уставното право сметам дека Република Северна Македонија од аспект на уставното право е подготвена да биде дел од големото европско семејство. Притоа би нагласила дека нашиот Устав, иако се менуваше неколку пати и мораше да биде отворан заради подобрување на политичкиот систем, заради подобрување на меѓуетничките односи и конечно заради промената на нашето дотогаш уставно име, за жал, сепак го положи испитот на времето изминатите три децении.