ВМРО-ДПМНЕ  со убедлива победа на парламентарните избори!

Со огромна предност коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи на денешните единаесетти по ред парламентарни избори во Македонија пред коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ. Според податоците од Државната изборна комисија, во 23 часот, од обработени 83,45% од гласовите, коалицијата “Твоја Македонија, предводена од ВМРО- ДПМНЕ имаше 356.964 гласа или 42,88% од гласовите, со кои доби 59 пратенички мандати, додека коалицијата За европска иднина, предводена од СДСМ имаше 123 333 гласа или 14,82 проценти, кои и донесоа 18 мандати. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача никој да не го потценува овој народ, кој со гласачко ливче ја порази корупцијата.

1260

Со огромна предност коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи на денешните единаесетти по ред парламентарни избори во Македонија пред коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ. Според податоците од Државната изборна комисија, во 23 часот, од обработени 83,45% од гласовите, коалицијата “Твоја Македонија, предводена од ВМРО- ДПМНЕ имаше 356.964 гласа или 42,88% од гласовите, со кои доби 59 пратенички мандати, додека коалицијата За европска иднина, предводена од СДСМ имаше 123 333 гласа или 14,82 проценти, кои и донесоа 18 мандати. Европскиот фронт предводен од ДУИ на овој процент обработени податоци имаше 119 058 гласа (14,30%) и освои 19 пратенички места, а Коалицијата Вреди 93 331 глас (11,21%), со што до 23 часот веќе имаше 13 пратеници во новиот собраниски состав. Левица освои 57 172 гласа што е 6,87% и 6 мандати, додека движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на обработени 83,45% имаше 43 756 гласа или 5,26% имаше освоени 5 пратенички мандати во идниот Парламент.

Членовите, поддржувачите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ со развиорени знамиња, музика и оро ја славеа големата победа пред седиштето на партијата, по што беше најавено дека ќе продолжат кон плоштадот Македонија во Скопје. Прослави имаше и на градските плоштади на другите градови во државата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача никој да не го потценува овој народ, кој со гласачко ливче ја порази корупцијата.

-Успеавме, успеавме, успеавме. Македонија победи. Историска победа на народот. Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците… Падна владата во Македонија, има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, непотизмот… вечерва конечно се поразени. Поразени се и предавствата, поделбите, тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ, кои мислеа дека се господари на народот. Ќе одговараат до последниот. Поразен е и бојкотот на ДУИ. Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси. На ДУИ бојкотот им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси. Ја паметам секоја моја реченица и секое ветување. Нема Македонија на ДУИ, на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на било која политичка партија. Честа е голема, одговорноста кон секој од вас уште поголема, нема да ве разочараме. Планираме резултатите од нашата работа да се очекуваат уште во првите 100 дена од формирањето на Владата, рече Мицкоски и додаде дека вечерва разговарал телефонски со Билал Касами, Арбен Таравари и со Изет Меџити.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на прес-конференцијата им ја честиташе изборната победа на политичкиот опонент ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски, како и на Гордана Силјановска-Давкова за изборот за претседател на државата. Тој истакна дека резултатите од изборите се разочарувачки и на СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите и повика на нови внатре партиски избори почнувајќи од него како претседател, па до сите органи на партијата.

 –Имаше фер избори согласно европските стандарди. Ја честитам избораната победа на нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Им честитам и на сите 120 пратеници кои ќе бидат избрани и им посакувам успешна работа во интерес на македонските граѓани и европската иднина на државата. Ѝ честитам на Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претседател на државата, и се надевам и очекувам функцијата да ја извршува согласно уставните и законските овластувања и евроатланската посветеност на државата. СДСМ повторно покажа државотворнот и одговорност по стоти пат. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите. И јас и сите именувани функционери имаме одговорност. Никој реално не е без одговорност. СДСМ ќе треба да погледне назад за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните. Повикувам на нови партиски избори почнувајќи од претседателот на партијата до сите органи на партијата, рече Ковачевски.

Во албанскиот политички блок победа прогласија и Европскиот фронт на ДУИ и опозициската коалиција Вреди. Симпатизерите на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“ со огномет, зурли и тапани славеа пред партискиот штаб кој се наоѓа на плоштадот „Скендербер“ на влезот во Старата скопска чаршија. Пред толпата, градоначалникот на Тетово, Билал Касами и претседателскиот кандидат на Вреди, Арбен Таравари најавија дека ќе прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

– Сите наши анализи покажуваа дека разликата ќе биде еден или два пратеника, колку што имаат во Европскиот фронт од другите заедници, рече Таравари.

– Коалицијата ВЛЕН излезе како победник во сите општини со мнозинско албанско население. Од утре почнуваат преговорите за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција ВЛЕН. Коалицијата ВЛЕН е апсолутен победник кај Албанците. Ова е како резултат на доаѓањето на нашите иселеници. Затоа 100 илјади пати им велам „благодарам, благодарам, благодарам!“ на сите тие кои дојдоа и уште еднаш ја направија разликата во татковината. Затоа во име на 100 илјади гласови на Коалицијата ВЛЕН им кажуваме благодарам. Разликата во гласови (со Европскиот фронт) нема да помине 10 илјади, изјави Билал Касами од БЕСА.

Претходно, Изет Меџити од Вреди веднаш по завршување на гласањето за двојните избори, на прес конференција рече дека Вреди е апсолутен победник кај Албанците и фактор кој ќе биде дел од новото мнозинство, а Ахмети си запечатил целосна изолација.

-Koaлицијата Вреди е апсолутен победник на изборите во албанскиот политички кампус, веќе од утре следува политичка ротација во државата. И покрај поткупот и корупцијата ДУИ се соочи со народот кој гласаше за прмени и ќе има промени. За жал изборниот процес не беше фер и демократски и системот со државните институции се стави во служба на ДУИ. Заменици министри и други функционери од ДУИ беа на терен и ние тоа го документиравме и ќе ги известиме институциите и странските фактори. Имаше насилство врз гласачкото право и за тоа ќе се одговара. Од утре Македонија ќе се подготвува за политичка ротација, со нова власт и обезбедено бадентерово мнозинство, рече Меџити.

Шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места порача дека победата е нивна и таа е одлучувачка за унапредување на демократијата. Toj изрази очекување дека коалицијата Европски фронт ќе добие најмалку 20 пратеници.

Претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски честиташе за убедливата победа на ВМРО- ДПМНЕ и победата на Давкова.

– Верувам дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите останати политички субјекти кои гравитираа. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија од вечерва ја почнува својата борба за достоинствена Македонија. Вечерва испиша историја заедно со граѓаните.. Ние потврдивме минимум пратеничка група и некаде околу 60 илјади гласови. Од денеска продолжуваме натаму, како што ветувавме во кампањата. Ова за нас е голема и историска победа, бидејќи веќе нема да живееме во црено-сив свет туку етаблиравме нов политички субјект на македонската политичка сцена, рече Димитриевски.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев ги соопшти имињата на идните пратеници од партијата и како свој успех го присвои слабиот резултат на СДСМ.

-Она за што се залагавме, го пасокизиравме СДС, на под 20 пратеника, што не го ни сонувавме. Го преполовивме проектот на ЗНАМ, на пола од претседателските избори. Левица ќе продолжи за пет пати појако од сега, затоа што секој наш пратеник вреди колку десет нивни. Да знаат дека ги чека пекол во Собранието со нашите борбени пратеници. Уште веднаш започнуваме со подговтовка за локалните избори, каде што ќе го надмашиме и овој скор, рече Апасиев.

На единаесеттите парламентарните избори право на глас имаа 1.815.350 избирачи. Граѓаните избираа 120 пратеници според пропорционалниот модел. Се гласаше во шест изборни единици, на колку што е поделена државата според Изборниот законик, и од секоја се избираат по 20 пратеници.

Во изборот за нов состав на Парламентот учествуваа 17 партии и коалиции – Коалиција за Европска иднина предводена од СДСМ, Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ, партијата Левица, Коалиција „Вреди“ на албанските опозициски партии, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива, Аваја, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета – Македонски независни листи,Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи и Работничка партија. (В.С.Н.)