Неколку големи сензации беа забележани во првите бараж двомеча за пласман на Светското ракометно првенство, а можеби најголемото изненадување го приредија Италијанците.

Имено, оваа земја, која речиси никогаш не важела за ракометна нација, славеше убедлива победа од 32:26 на свој терен над Црна Гора. Италијанците водеа во текот на целиот натпревар, а можеа да го добијат натпреварот уште поубедливо, бидејќи во финишот имаа предност и од +8 (31:23).

Сензација се случи и во Полска, која на домашен терен шокантно загуби од Словачка (28:29). Јурај Бриатка со 11 гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај Полјаците Камил Сипжак заврши со ист број погодоци.

Репрезентацијата на Швајцарија неочекувано како аутсајдер направи огромен исчекор кон пласман на СП 2025, откако како гостин ја совлада фаворизираната Словенија (26:27). Швајцарците беа турнати во послабиот барабан по поразот од Македонија во последниот меч на годинешното ЕП во Берлин, но тоа не им пречеше да направат огромен исчекор кон Мундијалот. Мануел Зендер со осум гола беше прво име кај победникот, додека кај поразените Алекс Влах постигна пет погодоци.

Од оние селекции кои ја оправдаа фаворитската улога, Австрија славеше на гости кај Грузија со 27:25, Унгарија како гостин ја совлада Литванија со 33:26, додека Португалија беше поуспешна пред своите навивачи од БиХ со 29:19.