Колку милиони евра Владата фрли во ветер, односно кон Железници Транспорт?!

Владата на 10 ноември му исплатил вонредни 16 милиони евра на Македонски Железници – Транспорт за да ги расчисти навремено долговите за електрична енергија, објави Фактор. Овие убедливо рекордни досега 962.913.000 денари за железничкото претпријатие се пари кои ги добива наменски надвор од редовните субвенции од Министерството за транспорт и врски за превоз на патници и самофинансирачкиот буџет за товарен транспорт што го наплаќа од големите производствени компании за пренос на суровини.

Ова е убедливо највисока ваква сума што Владата му ја исплаќа на МЖ Транспорт, откако и лани пред крајот на годината легнаа 3,3 милиони евра, или поточно двесте милиони денари, за да може да го плати долгот кон ЕВН поради кој дојде до кратко исклучување на електричната енергија.

Би го поставил и прашањето дали граѓаните се задоволни од тоа што го прави ова претпријатие и дали ние како Влада сме задоволни, но сите сме согласни дека ова претпријатие не си ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него. И токму поради тоа во Собранието е законот за либерализација на превозот и очекуваме по изгласувањето на овој закон, да им се отвораат вратите на други оператори од регионот, кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги“, изјави претходно министерот за транспорт и врски Бочварски.

МЖ Транспорт за струја им должи на сите енергетски компании, на ЕВН, МЕПСО и на ЕСМ. Со новите пари од буџетот овој пат, освен сметки за струја, ќе ги враќа и позајмиците, кои државните електрани константно ги даваат во железница за да можат да делат плати. Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека на ова претпријатие мора да му се помага да фунkcионира затоа што е од јавен интерес, без разлика што не работи рентабилно. На листата на должници постојано е на врвот, а машиновозачите редовно излегуваат на блокади поради неисплатени плати,  со целосен прекин на железничкиот сообраќај.