Под мотото „Ние работниците“ синдикално обединување за достоинствен живот и повисоки плати 

ССМ и КСОМ заедно на протест на 1 Мај

32

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) упатија заеднички повик до сите работници да се обединат и заедно со синдикатите да излезат на 1 Мај, на протестот кој ќе започне во 11 часот, пред Работничкиот дом, под мотото „Ние работниците“. Првиот синдикалец Трендафилов смета дека годинава сите работници треба да бидат на протест на 1 Мај, оти заради ниските плати, граѓаните се секој месец посиромашни за околу 50 евра.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) упатија заеднички повик до сите работници да се обединат и заедно со синдикатите да излезат на 1 Мај, на протестот кој ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом, под мотото „Ние работниците“.

Ова, како што информираат од ССМ, е договорено на заедничката средба на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, со претседателот на КСОМ, Марјан Ристески и генералниот секретар на КСОМ, Гоце Делчев-Тодев.

-ССМ и КСОМ ги слушнаа барањата на работниците за потребата од обединување на синдикатите и оваа години заедно го организираат работничкиот протест на Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај. Сојузот на синдикатите на Македонија  и Конфедерација на синдикалните организации на Македонија заедно излегуваат на работничкиот протест на 1 Мај под мотото „Ние работниците“, соопштија од ССМ.

Првиот синдикалец Трендафилов смета дека годинава сите работници треба да бидат на протест на 1 Мај, оти заради ниските плати, граѓаните се секој месец посиромашни за околу 50 евра.

– За жал, работниците во Македонија, од јануари до април, се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Тоа е доволна причина да има поголема масовност на првомајскиот протест и да кажат дека платите реално се мали – дециден е Трендафилов.

Животот станува се поскап, а тоа се должи на високите трошоци на храната, комуналните и трошоците за струја и парно.

– Новата пресметка на минималната синдикална кошничка ја премина психолошката бариера од 60 илјади денари. Реалноста покажува дека треба да има црвен картон за сите оние што се сомневаа и во пресметката на минималната синдикална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија може да преживеат со многу помалку. Лесно е да се живее со 2.500 евра, но тешко е да преживеете со 22.500 денари – потенцира Трендафилов.

Синдикатот смета дека реално минималната плата во Македонија треба да изнесува околу 450 евра, за да може да го фатиме чекорот со земјите од регионот кои што имаат далеку повисоки минимални плати. Во моментов во земјава минималната плата е 367 евра и е најниска во регионот. Но, Македонија и во однос на просечната плата која изнесува 649 евра заостанува во однос на соседите. Прва е Словенија чија минимална плата достигна 1.530 евра, а веднаш зад неа се Хрватска, Црна Гора и Србија.

(В.Ма.)