Ал Пачино објасни што се случило во најтензичниот момент на Оскарите

Ал Пачино ги збуни присутните на Оскарите кога го прогласи најдобриот филм на годината. Имено, актерот не ги читал филмовите номинирани во таа категорија, туку само го прогласил победникот.

„Моите очи го гледаат Опенхајмер“, рече Пачино, но тогаш на некои не им беше јасно дали ги потсетува номинираните или го објавува победникот. Многумина го критикуваа велејќи дека го уништил најтензичниот момент на Оскарите и со својот потег ги оштетил номинираните бидејќи требало уште еднаш да ги именува без разлика што Опенхајмер бил познат како голем фаворит.

83-годишниот актер сега проговори за виралниот момент во изјава објаснувајќи дека тоа е одлука на продуцентите, пренесува „Variety“.

„Само сакам да бидам јасен дека не ми беше намерата да ги изоставам, одлука на продуцентите беше да не ги повторам како што беа поединечно истакнати за време на церемонијата. Беше чест да се биде дел од вечерта и решив да го следам начинот на кој тие сакаа да им биде доделена оваа награда“, изјави тој.

„Разбирам дека да се биде номиниран е главна пресвртница во нечиј живот и да не си целосно препознаен е навредливо и болно и пропуст и затоа сметав дека е потребно да ја дадам оваа изјава“, додаде тој.

Една од продуцентите на Оскарите, Моли МекНирни, сопругата на водителот Џими Кимел, објасни дека тоа е креативна одлука бидејќи се плашеле дека шоуто ќе трае предолго.

Scroll to Top