(ВИДЕО) Се запали мотор од авион на аеродром во Денвер, патниците евакуирани преку едното крило

Од авиокомпанијата потврдиле дека сите 172 патници и шестте членови на екипажот безбедно го напуштиле авионот

Десетици патници биле принудени да се евакуираат преку крило на авион на „Американ ерлајнс“ на меѓународниот аеродром во Денвер откако еден од неговите мотори се запалил, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА).

Авиокомпанијата потврди дека сите 172 патници и шестте членови на екипажот безбедно го напуштиле авионот. Како што пишуваат светските медиуми нема извештаи за лица со сериозни повреди, но надлежните потврдиле оти 12 патници со полесни повреди биле пренесени во локална болница за дополнителни прегледи.

Авионот слетал во Денвер откако екипажот се пожалил на вибрации на моторот, соопшти ФАА.

На социјалните мрежи се шири снимка од патници кои стојат на крилото на авионот и чекаат да бидат евакуирани додека густ чад излегува од моторот.

Од компанијата велат дека авионот слетал безбедно на аеродромот, но потоа настанал проблем поврзан со моторот.

Портпаролот на меѓународниот аеродром во Денвер, пишува Си-ен-ен, потврди дека пожарот е изгаснат и дека летовите продолжиле да се одвиваат без прекин.

Овој пожар на моторот на авионот доаѓа неколку недели откако авион на „Делта ерлајнс“ се урна при слетување на пистата на меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто, Канада, а поради мразот и снегот авион се превртел на покривот.

Back to top button
Close