Веќе нема никаква дилема: Арне Слот е наследникот на Клоп во Ливерпул

Ливерпул и дефинитивно ја заврши потрагата по нов тренер, откако го избра Арне Слот за наследник на Јирген Клоп. Актуелниот тренер на Феенорд е вистинскиот избор за новиот директор Мајкл Едвардс, кој верува дека овој холандски стратег може да го извлече максимумот од играчкиот кадар на „црвените“ и достојно да го замени Клоп, кој летово дефинитивно ќе се повлече од менаџерската функција од „Енфилд“.

Прва желба беше Чаби Алонсо, откако Шпанецот самиот се повлече од пазарот вниманието беше насочено кон Рубин Аморим, но португалскиот стручњак изненадил со своите барања, поради што Ливерпул ги прекина преговорите, а тој во меѓувреме беше поврзуван и со Вест Хем.

Првиот контакт со Слот бил остварен пред десетина дена, но Холанѓанецот оставил одличен впечаток кај раководството на „црвените“. Доказ за тоа се интензивираните преговори во последните денови, кои придонеле овој стручњак да ги прифати понудените услови од Ливерпул, па и директно да побара од Феенорд да му биде дозволено летово да се пресели на клупата на „црвените“.

Англискиот гигант сака што поскоро да го потпише договорот, па затоа делегација на Ливерпул денеска допатува во Ротердам на преговори со Феенорд околу отштетата за тренерот на актуелниот првак на Холандија. Првата понуда од девет милиони евра била одбиена од холандскиот гигант, но кај двете страни постои расположение за натамошни разговори и се очекува најдоцна за 48 часа да биде најден заеднички јазик на оваа тема.

Желбата на Ливерпул е договорот со Слот да биде потпишан до крајот на оваа седмица за да се стави крај на бројните шпекулации околу наследникот на Јирген Клоп и фокусот во следните триесетина дена да биде ставен само врз настапот на екипата, која се уште е во игра за шампионската титула во Премиер-лигата.

Се вчитува...