Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на лигашкиот дел од сезоната на руската ВТБ лига.

Плејмејкерот на Уникс Казан го предводеше својот тим до првото место на табелата во регуларниот лигашки дел, што е за првпат во историјата на тимот.

Оваа сезона Димитријевиќ имаше просек од 19 поени по натпревар со 6,6 асистенции, 3,6 скока и 1,3 украдени топки.

Во минатогодишното финале на ВТБ лигата неговиот тим ја совлада Локомотива (4:1), а Димитиријевиќ беше прогласен за МВП на финалната серија.

Сезонава во решавачкиот меч за првото место во регуларниот дел против ЦСКА Москва забележа рекордни 40 поени со девет асистенции. Тој постигна индекс на корисност – 52.

  • За мене е голема чест да ја добијам наградата МВП за регуларниот дел од сезоната на ВТБ лигата 2023/24. Оваа година победивме многу возбудливи натпревари и славевме во регуларниот дел од сезоната. Мислам дека ова е резултат на напорната работа на целиот тим. Би сакал да се заблагодарам на ВТБ лигата, на мојот тим Уникс, на стручниот штаб предводен од Велимир Перасовиќ, медицинскиот штаб и нашите верни навивачи. Најголемата благодарност до моите соиграчи, кои ми помогнаа да станам подобар играч, се заблагодари Димитријевиќ.