Њујоршкиот апелационен суд му ја поништи пресудата на поранешниот холивудски могул Харви Вајнстин, оценувајќи дека не добил праведно судење во 2020 година кога му беше изречена пресудата од 23 години затвор за сексуален напад врз две жени.
Апелациониот суд пресуди повторување на процесот затоа што Вајнстин, еден од највлијателните холивудски продуценти, бил неправедно суден за минато однесување покрај кривичните дела за кои бил обвинет.
Вајнстин сепак ќе остане во затвор поради друг случај на сексуален напад.
Првите обвинувања против него започнаа да се појавуваат во 2017 година, и беа една од главните причини за појавувањето и подемот на движењето #MeToo.
Два паралелни процеси против него започнаа во 2020 година, по што во Њујорк беше осуден на 23 години затвор за силување на две жени, додека во Калифорнија доби 16 години затворска казна поради друг случај на силување.