Според него, безбедните избори се резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
Денешниот изборен ден помина во безбедна, мирна и демократска атмосфера, онака како што ѝ доликува на една земја која се стреми да биде дел од современиот демократски свет, оцени на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според него, безбедните избори се резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес.
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“,
истакна Тошковски.
Како што посочи тој, евидентирани се повеќе настани кои се однесуваат на фотографирање на гласачко ливче, пријави за агитирање на гласачко место и други незначителни нерегуларности, но не се евидентирани посериозни инциденти насочени кон нарушување на регуларноста на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“,
изјави Тошковски.