Македонија
Ванковска: Без директно соочување на противкандидатите мислам дека сите ќе бидеме посрамени
На денешната средба со граѓаните на Кочани, Билјана Ванковска, претседателски кандифат на Левица истакна дека на непосредните средби што ги има со граѓаните го претставува она што може да се каже кога со некого се разговара очи в очи, а е дел од предизборната програма. Истакна дека срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател.
-Без директно соочување на противкандидатите мислам дека сите ќе бидеме посрамени. Јас се чувствувам како да ме изеде туѓиот срам, а овде првенствено мислам на кандидати кои се доктори на науки, кои се професори, кои меѓусебно се провоцираат и се повикуваат еден на еден на специјални дебати, притоа игнорирајќи ги сите останати. Сите седуммина заслужуваме еднаков третман, еднаква можност пред медиумите, да го кажеме тоа што го имаме во програмите, кратко и во формат што е стандард и за западните земји и за сите демократии. Постојано кажувам и апелирам дека ние сме им должни на граѓаните, затоа што ни дале по 10 илјади потписи и многу повеќе. Очекуваат да нè видат сите, еден спроти друг, со аргументи, со тези, а потоа да ја донесат одлуката за кого ќе гласаат, согласно со сето она што сме го правеле, истакна Ванковска.
Во врска навредите, личните дисквалификации и острите зборови што можат да се слушнат во кампањата, таа нагласи дека не се осврнува на таквото ниво на комуникација, туку се обидува да води позитивна кампања.
-Јас немам машинерија зад мене, нашата кампања е скромна и нашата машинерија е народот, тоа ми го кажуваат обични луѓе. Штом можам без обезбедување, слободно да се прошетам во градовите низ државата, тоа ми е најважно, а другите нека се препукуваат и на секој митинг, како стрини преку плот, си кажуваат неубави работи. Мене и таквите како мене, ме игнорираат, но и јас се однесувам така, освен што ги предизвикувам и им фрлам ракавица, да повелат јавно, МТВ ни ги отвори студијата за да се соочиме до крајот на кампањата, додаде Ванковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиoт совет и Советот на јавни обвинители
Главен предизвик ќе бидат реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти, и наместо нив самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање на Самитот Македонија 2025.
Мицкоски потенцираше дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, нити има намера да се мешаме, во овие две тела.
– Исто така наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата, истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека целта е комплетна автономија во правниот систем.
Но ако забележиме било какво влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание ќе има сериозна кривична одговорност. Немаме намера ниту милиметар да отстапиме, изјави Мицкоски.
Македонија
Џафери: Управнот суд и институциите да ја заштитат кредибилноста на изборите
Премиерот Талат Џафери од ДУИ, од прес-конференција во Владата се осврна на изборниот процес, и ги повика институциите да ја штитат кредибилноста.
Тој рече дека како премиер, одговорен за успешноста на изборите, добил извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија во врска со симптоматичните приговори поднесените од страна на учесниците во изборите.
Според извештаите, овие претензии за изборен инженеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собрание преку политички договор на маса.
„Кредибилност на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд и јас ги поканувам сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било страна, и да го штитат кредибилитетот на изборниот процес докрај, без да фрлат дамка врз волјата на граѓаните изразена на изборите“, порача Џафери.
Македонија
Демири не кажа дали договорците од Токсикологија се стручни: „Тоа прашање требаше да го поставите лани“
Министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
„Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го прекратам договорот на тој? Ние имаме 1.390 здравствени работници кои работат по договор на дело, што би се случило кога би се прекинале таквите договори? Јас бев и менаџер на тетовската болница, сте слушнале дека сум прекратил некаков договор?“, рече министерот, додавајќи дека ќе се ангажира овие луѓе да бидат приоритет при вработување на конкурсот што веќе ќе почне по изборите, а средствата биле обезбедени.
Додаде дека го замолил директорот, Данил Петровски, пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, а ако го разрешел пред изборите, како што рече, тогаш ќе било сфатено како политичка кампања. Петровски, според зборовите на Демири, е разрешен поради неправилности во работата.
За организациската директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје, Бесија Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.
Пред речиси еден месец на прес-конференција доктори од Клиниката за токсикологија објавија дека економската директорка Бесија Илјази не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина, на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование. Вработените тврдат дека Илјази, спротивно на решението на ДСЗИ, кое изречно забранува присуство на невработени лица на Клиниката, ги поттикнува да доаѓаат на работа сите оние на кои им е истечен договорот.
Едното од овие лица со истечени договори, како што беше кажано тогаш, работело како болничар, а од лаборант на Клиниката барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази лекарите не знаат ништо, а со неа немаат комуникација.