Top Sport

Трагичарот Бјорнсен е во шок – Селекторот: Мораме да му помогнеме

Ракометниот свет остана во неверување на начинот на кој Норвешка испадна во четвртфиналето на Светското првенство.

Норвежаните имаа гол предност, играч повеќе и напад на 20 секунди до крајот на мечот против Шпанија.

Сепак, благодарение на неверојатната грешка на Кристијан Бјорнсен, Шпанците изборија продолженија и по два дополнителни периоди и вкупно 80 минути борба победија со 35:34.

На пет секунди до крајот, при резултат 25:24, кога на Норвежаните им се закани пасивен напад, Бјорнсен реши да ја врати топката назад. Судиите им ја одземаа топката на Норвежаните, Шпанците одиграа брз акција, топката дојде до Данијел Душебаев, кој погоди за 25:25.

Доколку Бјорнсен упатеше било каков удар кон противничкиот гол, Шпанците ќе немаа време да го организираат последниот напад.

По натпреварот, сите новинари побараа објаснување од Бјорнсен, кој само ги крена рамениците.

„Се чувствувам ужасно. Ги уништив двете клучни ситуации за нашиот тим. Тешко ми е. Жал ми е”, изјави Бјорнсен.

Во шок е и норвешкиот тренер Јонас Виле.

„Што да кажам? Ова е една од најтажните работи во кои сум бил вклучен. Бјорнсен сега е во депресија. Мораме да му помогнеме на Кристијан сега и да го поддржиме.” рече Вил.

Шпанија во полуфиналето ќе игра со актуелниот шампион Данска, а во второто полуфинале ќе се сретнат Франција и Шведска.

Scroll to Top