Каде останаа заборавени 13,4 милиони евра од градската каса на Скопје?

Град Скопје кубури со средства за реализирање на поголеми проекти. Секое од досегашните градоначалнички раководства се жалеше дека во градската каса нема доволно пари за да се тргне во градежна офанзива.

Добро. Но, се води ли доволно сметка каде одат парите кои ги има во градската каса? Се знае ли подетално за што се потрошени милионите евра кои ги имаше во градскиот буџет?

Еве на пример познато е дека имаше две крупни исплати кои во 2019 година завршиле на сметките на Градот Скопје, но некако како да не се знае дали парите се уште таму или се потрошени. Првата исплата се однесува на продажбата на објектот на Градската куќа под Кале која во ноември 2019 година тогашното градско раководство на челот со градоначалникот Петре Шилегов ја продаде на компанијата ЕВН – Македонија за 12,7 милиони евра. Втората исплата, пак, се 700.000 евра кои во градската каса биле уплатени од државната компанија Македонски енергетски ресурси во 2019 година со цел да се изврши пошумувањето на Водно поради сечата на дрвјата за потребите на изградбата на гасоводот.

Значи, 13,4 милиони евра. Што бидна со тие пари? 

Уште во јуни 2022 година, седум месеци откако ја презеде функцијата од Шилегов, новата скопска градоначалничка Данела Арсовска алармира дека 12,7 милиони евра ги нема на градските сметки.

-Пари од градска куќа немаше во буџетот на Град Скопје. Тоа што било влезено си е во редовниот буџет и е потрошено. Во овој дел не би коментирала повеќе бидејќи има институции коишто треба да ги разгледуваат овие предмети и колку што знам има нешто активно. Не би коментирала повеќе на оваа тема, за да не прејудицираме, изјави тогаш Арсовска.

Непознато е и каква е судбината на 700.000 евра наменети за пошумувањето на Водно. Татјана Стојановска, активистка на граѓанската организација „Го сакам Водно“ деновиве во интервјуто за „Скопско Ехо“ изјави дека тие по сите овие години сега добиле одговор дека ги нема парите!?

– По разговорите со Владата во тој период на руинирање на дел од Водно со цел изградба на гасоводната траса, беше договорена сума од 42 милиони денари, кои ќе се префрлат на сметка од Град Скопје, потсметка стриктно за  ЈП „Паркови и Зеленило“, со цел пошумување на оштетени делови од Водно, не делот на гасоводната траса, туку делови одредени со специјално формирана работна група која ќе утврди каде и кои видови дрвја би се засадиле. Работната група се состанала неколку пати, по што реагиравме дека како заинтересирана страна бараме учество во неа. Договорено беше со тогашниот градоначалник на Градот да учествуваме во финализацијата на планот за пошумување, нешто што никогаш не се оствари. Во меѓувреме се случи смена на функцијата градоначалник на Градот, по што, на нашето прашање за средствата на сметката стриктно доделени за пошумување на Водно, ни беше одговорено дека истите ги нема…, ни рече Стојановска.

Дали парите се потрошени за други приоритети? Можеби се на посебни сметки и чекаат да бидат потрошени? Актуелното градско раководство е тоа кое сега треба да го даде одговор на ова. Ако треба и нека се направи истрага. Во прашање се многу пари.

Кој знае, може ќе се најдат тешките милиони некаде заборавени, па ќе се искористат за многуте потреби кои ги има Скопје. Ајде надлежните нека ги побараат.

Скопјани можат да помогнат со оваа констатација: Нова градска куќа нема, а и пошумување на Водно немаше.

Претходна вестПриватните специјализанти бараат гаранции дека по изборите ќе го добијат бараното
Следна вестВо сообраќајка загина 70-годишен битолчанец