СП2022: Иран пред дуелот со САД побара оставка од Клинсман


Иранската фудбалска федерација побара денеска оставка од членот на техничката комисија на ФИФА, Јирген Клинсман, откако поранешниот германски репрезентативец ги обвини Иранците дека влијаеле врз судиите за време на дуелот против Велс (2-0) на Светското првенство во Катар.

Иран во петокот го победи Велс во второто коло во групата Б со два гола во судиското продолжение и во вторник во директна пресметка против САД ќе се бори за пласман во нокаут фазата.

-Не е случајно. Тоа не е намерно. Тоа е дел од нивната култура, тие така играат. Тие го напаѓаат главниот судија, линискиот судија, четвртиот судија. Поради нив ви паѓа концентрацијата, рече Клинсман во изјава за Би-Би-си.

Неговата изјава наиде на остри реакции од иранскиот селектор Карлос Квеирош.

-Овие забелешки за иранската култура, репрезентацијата и моите играчи се срамота за фудбалот, изјави Квеирош.

Од своја страна Фудбалската федерација на Иран побара од ФИФА објаснување, а од Клинсман да поднесе оставка.