Од кабинетот на бугарскиот претседател посочија дека цивилизираноста на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува во насока дали ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави и ќе ги почитува меѓународните договори, со нејзината посветеност за имплементација на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги
Манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали. Ова е последната реакција од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев по изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.

Како што пренесува бугарското национално радио „бнр.бг“, реакцијата од кабинетот на Радев доаѓа по повод, како што се вели оттаму, уште една навредлива квалификација кон Бугарија од страна на претставник на македонската влада.
„Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформалниот состанок, каков што се одржа меѓу претседателите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија на 13 ноември, очигледно длабоко вознемири одредени кругови во владата на РСМ“,
се вели во соопштението од кабинетот на Радев.
Од кабинетот на бугарскиот претседател посочија дека цивилизираноста на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува во насока дали ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави и ќе ги почитува меѓународните договори, со нејзината посветеност за имплементација на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.
„Припадноста кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати“,
велат од кабинетот на Радев.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

„Очигледно домаќинот не е цивилизиран и не е пристоен. Слободно нека пратат за ова протестна нота. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е само мизерно, туку е дно“,
рече тој.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека ги известиле партнерите за „неиспровоцираните провокации” од функционери на Северна Македонија, чија цел, според официјална Софија, е да се наруши дијалогот.
Претседателката Сиљановска-Давкова во понеделникот во ТВ-настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.