Азески му порача на Ковачевски: Околу бизнисот да се обединат сите, тој е двигателот

311

Бизнисот да ги обедини сите политички партии, оти со него може да се реши се во државата. Ова го кажа претседателот на Стопанската комора на С Македонија, Бранко Азески, по средбата со претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Според него, бизнисмените го кренаа гласот и нема враќање назад.

-Очекувам да ни се случи одговорност за тоа каде одат парите на народот. Зборот „буџет“ ќе биде најизговорениот збор. Ќе си ги бараме нашите права и јавно велиме дека социјалните трансфери ќе бидат најневозможната мисија во иднина. Одиме чекор по чекор, за да не се случи најнепосакуваното – да го иселиме капиталот онаму каде што ќе нè примат со широко раширени раце. И ветуваме дека постојано ќе бараме од идниот претседател на државата да не го става потписот на оние закони за кои сметаме дека ќе му наштетат на бизнисот и на граѓаните – истакна Азески.

Тој не сакаше да даде оценка од досегашната соработка на Комората со СДСМ, но посочи дека е задоволен од тоа како е воден дијалогот за повеќе важни прашања што го засегаат стопанството. Азески му посака на СДСМ успеси на претстојните парламентарни избори.

Ковачевски на средбата се осврна на енергетската криза и како владата се справуваше со неа. Според него значителни резултати дадоа мерките со кои што државата им помогна на граѓаните и компаниите, за да тие што полесно да ја надминат и да го амортизираат ударот. Укажа и на растот на просечната и минималната плата, но и на растот на пензиите.

Што се однесува, пак, недела неработен ден, Ковачевски кажа дека во недела не се работи во земјите од ЕУ. Така и во Германија и во Австрија, но нагласи овој закон наскоро ќе претрпи измени, во интерес на бизнисот што го побарал тоа.

(В.Ма.)