Џокејот и коњите

Остап Бендер, алијас Олександар Онишченко, ненадејно се појави во Северна Република Македонија, да си го подигне толку бараниот македонски пасош. Со себе не ги доведе и коњите, верувајќи дека кај нас има достатoчно добри коњи за унапредување на коњичкиот спорт. Ако треба, од неговата ергела можеме и да рентираме коњ.

Македонскиот пасош стана ценет. Тоа го намирисаа и белосветските измамници. Но, неговата цел не беше измамнички собирање на пари за неговиот пат во Латинска Америка, како во романот на руските писатели Иљф и Петров, „Златно теле“. Целта секако им е позната на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнување, клучните институции за проверка за давање на државјанства и патни исправи.

Владата, на затворена седница, пред два дена, донесе одлука за одземање на државјанството и на македонскит пасош на разузнзвачот Онишченко. Пред половина година, пак, на отворена седница, му го додели, со претходна согласност на наште релевантни безбедоносни структури. Со тоа се чини дека аферата е завршена по скратената постапка, со европско знаменце. Последиците – не се.

Меѓународното искуство на Абази може да биде од помош

Вистинскиот Остап Бендер, односно прототипот на јунакот на руските писатели, живеел во Одеса под името Осип Шор, за кого и ден денес има многу паметници во цела Украина. Сегашниот негов клон, џокејот Онишченко, го бараат за да му направат портрет за склуптурата, која потоа во бронза ќе беше излиена и поставена можеби и кај нас, доколку 53-годишниот Узбекистанец нѐ претставуваше на Олимпијада што ќе се одржи во Париз во 2024 година.

Сега ќе го прескокнам – во манирот на скокачот (show jumping rider) Онишченко – делот кој се однесува на неговата спортска кариера и на нашето досегашно учество на олимпијадите (од 1992 година), за да го анализирам последниот политичко-безбедносен скандал предизвикан со издавање македонски пасош на универзалниот скакач во повеќе дисциплини.

Било како било, олигархот, филантропот и олимпиец Онишченко ги прескокна сите административни пречки на патот до македонскиот пасош. Коњичката федерација на РСМ имала најдобри намери, кога предложила да се зголеми бројот на наши учесници на следните Олимписки игри. На нив секако им била позната спортската кариера на Онишченко, а веќе кај нас постоела практика истакнати спортисти од странство да добиваат македонско државјанство да ги бранат боите на РСМ.

Разузнавачот и олигарх Онишченко имал „филантропски“ мотиви, кои нашите споменати безбедоносни структури (познати и како тајни служби) требало да ги „дијагностицираат“ преку соодветните познати методи. Државјанство му е издадено пред повеќе од половина година, а аферата можеби никогаш не би била обелоденета, да не постоел непознат разузнавачки инсајдер, кого обично истражувачките новинари го користат како извор на информации. Објавувањето на аферата коинцидира и со претстојниот избор на нов директор на АНБ, позиција атрактивна за секоја влада и која традицонално ја раководи личност на највлијателна коалициска партија, во сегашната ситуација реформираните екологисти. Секако, кандидати има и во најголемата коалициска партија.

Било каков епилог за инволвираноста на модерниот Остап Бендер во најмладата држава членка на НАТО, голема штета е што при утврдувањето на пропустите направени во процедурата за добивање државјанство на Онишченко, не може да помогне и новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, со своето познато меѓународно искуство и високиот рејтинг во нашето правосудство, што било клучен момент при неговиот избор.

Целата колумна на дипломатот Ѓорги Мисајловски на следниот линк:

https://plusinfo.mk/oke-ot-i-ko-ite/